ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ КОМУНИКАЦИИ – Граѓаните ќе користат мобилен роаминг во ЕУ без дополнителни трошоци
Акцискиот план на Владата предвидува анализа на правните празнини и нови законски решенија

Со измените на Законот за електронски комуникации, кои се на расправа на Единствениот национален регистар (ЕНЕР), државата ја интегрира во домашното законодавство европската регулатива што ќе ѝ овозможи да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Ова значи дека граѓаните и бизнисите ќе можат да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни трошоци за роаминг, како да се наоѓаат во својата земја.
За законските измени, чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот се предвидува воспоставување на јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите, што ќе овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање, механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност, предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, минатиот месец во телевизиско интервју истакна дека домашните обврски мора да се завршат до февруари, додека остатокот ќе биде предмет на преговори и договори на ниво на Северна Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации, со измената што е во нацрт верзија, до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државата е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан од 1 јуни 2021 година, што им овозможува на граѓаните да користат мобилни услуги во земјите од регионот под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци. Сепак, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно усогласен со европските стандарди.
Европската комисија, на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година, формално извести дека ќе започне постапка за пронаоѓање правно решение со кое земјите од регионот ќе можат да се приклучат кон иницијативата „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од ЕУ, како дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг. Согласно планот, Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронски комуникации, е задолжено најдоцна до 22 декември 2025 година да изработи и достави до Владата детална анализа на правната празнина (GAP analysis) помеѓу националното законодавство и релевантните регулативи на ЕУ, а најдоцна до април 2026 година да подготви законски и подзаконски акти врз основа на таа анализа.


