ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК – Во Собранието почна јавна расправа
Претставници од правосудството ги изнесоа ставовите за предложените измени

Во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците започна јавната расправа за предлог-измените и дополнувањата на Кривичниот законик, поднесени од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
На расправата за збор се пријавија 13 учесници – адвокати, универзитетски професори, правни експерти и претставници на граѓанскиот сектор. Поголемиот дел од изнесените забелешки се однесуваат на членот 353, кој го опфаќа делот со измените направени во 2023 година што доведоа до амнестија на одредени функционери, како и на новитетите поврзани со кривичните дела откриени преку системот „Сејф сити“.
Професорката Ана Чупеска, поранешна потпретседателка на СДСМ, оцени дека предложените измени се минимални и претставуваат „правна козметика“, заснована на интересите на политичките елити.
„Јасно се гледа тенденција за амнестирање на злоупотреби на службената должност, преку суптилни јазични формулации и субсидијарни клаузули“, рече Чупеска.
Од друга страна, адвокатката Ружица Николовска смета дека измените се позитивни, бидејќи во членот 353 се додава злоупотребата на службената положба или овластување, а паралелно се зголемуваат и казните, што според неа значи построга казнена политика.
Адвокатот Звонко Давидовиќ посочи дека законот бара доработка поради повеќе недоследности. Тој нагласи дека во членот 353 не е предвидено одземање на незаконито стекнатата имотна корист, а проблематични се и измените поврзани со системот „Сејф сити“.
„Законот одредува кога може да се конфискува возило – при забрзано возење од 50 или 70 километри на час, во зависност од зоната. Но не постои одредба за одземање возило при возење под дејство на алкохол или наркотици. Што е поопасно – 50 километри повеќе или 1,5 промили алкохол? Страшно“, истакна Давидовиќ.
Според предлагачите, измените се подготвени за да се надминат слабостите во постојната регулатива и да се постапи согласно одлуката на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Целта, како што наведуваат, е унапредување на правната дефиниција на кривичните дела и заострување на казнената политика, особено за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ (член 353) и „Злосторничко здружување“ (член 394).


