ИЗЛОЖБА ЗА ЛАЗАР СОКОЛОВ – Живот и дело на македонскиот преродбеник
Фотографии, документи и лични предмети го раскажуваат животниот пат на Соколов

Изложбата „Лазар Соколов живот и дело“ од авторот м-р Илија Василески, ќе биде отворена в среда, на 18 март, со почеток во 19:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност.
Лазар Соколов учествувал во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945) и бил еден од основачите на современата македонска држава како делегат на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
Изложбата го следи животниот пат на Соколов преку богат музејски материјал и фотографии, документи, лични предмети, како и досие од Управата за државна безбедност на Социјалистичка Република Македонија. Посебен акцент е ставен на неговата улога како македонски интелектуалец кој оставил значителен белег врз политичкиот и економско-социјалниот развој на државата.
Експозицијата ги опфаќа различните аспекти од неговиот активизам: доктор по економски науки на Универзитетот во Загреб, учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна, член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и на Комунистичката партија на Македонија, делегат на Првото заседание на АСНОМ, повереник за народното стопанство и економската обнова, пратеник во Народното собрание на Македонија, како и плоден научник со значителен придонес во областа на економските науки.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до средината на април.


