ИЗЕТ МЕЏИТИ ГО ПОДРЖУВА ПРОТЕСТОТ ОВК – Тоа е демократско право и национална гордост
Меџити нема кажано дали лично ќе присуствува, но ќе овозможи одржување на плоштадот

Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, изјави дека во принцип го поддржува протестот што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го најави за сабота во Скопје, во знак на поддршка на поранешните команданти на ОВК кои се соочуваат со судски процес во Хаг. Во интервју за косовскиот медиум „Вокс Косова“, Меџити нагласи дека протестот е демократско право, а Ослободителната војска на Косово претставува дел од националната историја и гордост.
„Во принцип, да. Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“, рече Меџити.
На прашањето дали лично ќе присуствува, тој не даде конкретен одговор, но истакна дека како градоначалник ќе обезбеди услови протестот да се одржи на плоштадот во општината.
„Протестот ќе се одржи на плоштадот во општината каде што сум градоначалник. Ќе дадеме согласност за негово одржување. Се надевам дека сè ќе помине добро“, додаде тој.
Протестот, организиран од лидерот на ДУИ Али Ахмети, ќе се одржи во сабота на плоштадот „Скендербег“ од 13 часот, со цел да се изрази поддршка за поранешните лидери на ОВК обвинети пред Судот во Хаг.


