ИЗДАВАЧКАТА КУЌА САКАМ КНИГИ ВРАЌА НА ПРИРОДАТА – Купи книга, посади дрво во Скопје

Настанот во Мега парк е дел од општествено-одговорниот проект „Со љубов, од Европа.

ИЗДАВАЧКАТА КУЌА САКАМ КНИГИ ВРАЌА НА ПРИРОДАТА – Купи книга, посади дрво во Скопје
Фото: Принтскрин

Во понеделник, на 6 април, со почеток во 11 часот, издавачката куќа „Сакам книги“ ќе одржи настан за садење дрвја во Мега паркот, Карпош 4, Скопје. Настанот е дел од пошироката општествено-одговорна мисија на издавачката куќа и се реализира во соработка со Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“. За оваа акција, „Сакам книги“ донира садници за пошумување, со што директно придонесува кон збогатување на урбаното зеленило токму таму каде што дејноста на компанијата најмногу влијае.

„Ова е прва акција од ваков тип кај нас, каде една издавачка куќа, како голем потрошувач на хартија, свесно одлучува да ѝ врати на природата заедно со своите читатели. Веруваме дека ова нема да биде единствен чекор, туку почеток на нова пракса,“ изјави Ивана Спасев, главен уредник во „Сакам книги“ и лидер на проектот „Со љубов, од Европа“.

Проектот предвидува дека десет отсто од продажбата на книгите ќе бидат наменети за садење дрвја во Скопје, што значи дека секој купувач на книги од оваа европска едиција директно донира за пошумување.

„Целта е да поттикнеме двојна свест: грижа за природата и љубов кон читањето, како вредности што идните генерации треба да ги носат како приоритет. Ако ги изградиме навреме, сигурни сме дека ќе создадеме подобар свет за нив и за сите нас,“ додава Спасев.

Настанот за садење дрвја е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој продолжува 16-годишната посветеност на „Сакам книги“ кон литературата и читателите. Проектот започнува со 16 избрани наслови од 13 европски земји, пишувани на помалку застапени јазици и од автори кои за првпат се преведуваат на македонски. Секое дело нуди автентична перспектива и отвора важни општествени теми, од ментално здравје и родова еднаквост до инклузија, диверзитет и климатски промени.

Паралелно со книжевната понуда, проектот опфаќа и конкретни акции со директно влијание во заедницата како што се пошумување и зелени активности во Скопје, поставување маалски минибиблиотеки за долгорочен пристап до книги и поддршка на украинската литература преку донации и културни настани за бегалците

Проектот се издвојува со интегриран пристап кон одржливост, книгите се печатат на рециклирана хартија и се достапни и во електронска форма. Исто така, се промовираат практики за одговорно однесување, како иницијативата „Со велосипед до книжарница“, употреба на еколошки материјали и поддршка на одржливо работење.

CATEGORIES
Share This