ИЗБОРОТ НА СУДИИ ВО АПЕЛАЦИЈА ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК Тужбата на Димовски може да ја врати постапката од почеток
Судијата Димовски бара ново, правично оценување, што - доколку биде прифатено од Управниот суд може да го врати целиот процес на почеток и да го стави под прашалник изборот на новите шестмина апелациски судии.

Одлуката на Судскиот совет за унапредување на шест судии од Граѓанскиот суд во Скопје во Апелацискиот суд би можела да биде поништена, доколку Управниот суд ја уважи тужбата поднесена од судијата Андреј Димовски. Тој тврди дека не бил објективно оценет во процесот и дека не му биле доделени поени за сите квалификации кои ги исполнува.
Како што објави „Алфа“, Димовски смета дека бил дискриминиран во оценувањето и бара нова постапка. Тој ја повикува праксата на Европскиот суд за човекови права, тврдејќи дека начинот на кој бил применет Законот претставува прекршување на членот 6 од Европската конвенција за човекови права – правото на правично судење.
„Начинот на непримена на прописите од страна на тужениот е до тој степен неисправен што ја прекршува позитивната обврска на државата согласно Европската конвенција,“ изјави Димовски.
Адвокатот на судијата, Билјана Јандриоска, нагласува дека и покрај претходните пресуди на Управниот и Врховниот суд во корист на Димовски, Судскиот совет не ги земал предвид нивните укажувања. Според неа, Советот не само што не ги испочитувал тие одлуки, туку продолжил со изборот на судии за Апелација, игнорирајќи дел од забелешките.
„Претходната пресуда содржеше сериозни забелешки кои Судот, преку доказна постапка, ќе утврди дека не се отстранети – а такви има многу,“ посочи Јандриоска.
Од Судскиот совет, пак, возвратија со појаснување дека решението за оценување на Димовски било донесено во декември 2023 година според Законот од 2019 година, а одлуката на Врховниот суд се однесувала на приговор, а не на самото оценување.
„Тужителот веќе водел правна постапка за истата работа пред истиот орган,“ изјави претставник на Судскиот совет.
Судијата Димовски бара ново, правично оценување, што – доколку биде прифатено од Управниот суд може да го врати целиот процес на почеток и да го стави под прашалник изборот на новите шестмина апелациски судии.
Судскиот совет неодамна донесе одлука за унапредување на следните судии: Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани. Сепак, целиот процес е предмет на јавна и експертска критика, особено поради тоа што изборот дојде дури три години по распишувањето на огласот.


