ИЗБОРНО ЗАКОНОДАВСТВО – Работната група започна со работа
Следната седница е закажана за 23 март, со доставен работен текст на измените на Изборниот законик

На денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, членовите едногласно го избраа министерот за правда, Игор Филков, за претседавач на групата.
На седницата се дискутираше за деловникот и начинот на работа на групата. Следната седница е закажана за 23 март, а членовите ќе добијат текст на измените на Изборниот законик од јуни 2025 година, подготвен од Министерството за правда и содржи препораки на ОБСЕ/ОДИХР.
Министерот Филков изјави дека целта е воспоставување на стабилен, кредибилен и инклузивен изборен систем, усогласен со европските стандарди и добрите меѓународни практики.
„Овој процес бара политичка зрелост, дијалог и консензус. Очекувам конструктивна дебата и активно учество од сите членови, бидејќи реформите во изборното законодавство се од суштинско значење за демократскиот развој на државата и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот процес“, порача Филков.


