ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ РАСПИШАТ ВО АВГУСТ Прво следуваат именувањата

Иако пратениците ќе бидат на годишен одмор од 4 до 22 август, Собранието останува во постојано заседание и, ако има потреба, тие ќе бидат повикани на седници и во тој период.

ИЗБОРИТЕ ЌЕ СЕ РАСПИШАТ ВО АВГУСТ Прво следуваат именувањата
Фото: Национал

Локалните избори ќе бидат распишани до законскиот рок, односно во првата половина на август. Причината е потребата претходно да се пополнат двете важни позиции – Народен правобранител и претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), соопшти денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска предложи кандидат за Народен правобранител, и ако се постигне политички договор (со оглед на потребата од т.н. Бадинтерово мнозинство), Гаши најави дека е подготвен веднаш да свика итна седница.

„Оваа тема ќе биде предизвик за Собранието. Процедурата за избор на Народен правобранител е веќе започната – имаме 17 кандидати. Ако Комисијата денеска одлучи, може да закажеме пленарна седница. Ако не, ќе почекаме подобри времиња и поширока согласност,“ изјави Гаши.

Меѓу кандидатите е и Дритон Небиу, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието. Тој денеска потврди дека се кандидирал, истакнувајќи дека има 18 години искуство како правник, од кои 15 години работел во Собранието, и дека е магистер по човекови права со меѓународно искуство како консултант.

Во врска со ДКСК, Гаши рече дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за избор на нов претседател.

„Собранието е обврзано во рок од десет дена да распише оглас. Тоа ќе го сториме денеска. Но, треба да провериме дали постои законска можност да се извршат овие избори во време кога се веќе распишани избори,“ изјави Гаши.

Што се однесува до интерпелацијата на јавниот обвинител Љубомир Коцевски, Гаши потсети дека Собранието веќе се изјаснило и дека сега одговорноста е на Владата, државниот обвинител и Советот на јавни обвинители.

Исто така, Гаши информираше дека поради здравствени причини нема да се обрати на прославата на Илинден на Пелинце – наместо него тоа ќе го направи еден од потпретседателите на Собранието.

Иако пратениците ќе бидат на годишен одмор од 4 до 22 август, Собранието останува во постојано заседание и, ако има потреба, тие ќе бидат повикани на седници и во тој период.

CATEGORIES
Share This