ИТАЛИЈАНСКИ АМБАСАДОР – Никој не може да ви даде гаранција за ЕУ, довербата со Бугарија е најважна
Сложениот процес на проширување на ЕУ и едногласноста од сите членки го ограничуваат влијанието на било какви гаранции.

Нема правна или политичка гаранција што може да ѝ се даде на македонската влада дека нема да има нови блокади од Софија, вели во телевизиско интервју, италијанскиот амбасадор во земјава, Паоло Палминтери.
„Процесот на проширување е сложен, со кластери, поглавја и мерила, и секој чекор бара едногласност од ЕУ. Затоа, каква било гаранција би имала ограничена вредност. Најдобра гаранција е климата на доверба меѓу Северна Македонија и соседите“, истакнува Палминтери.
Тој додава дека уставните измени и Копенхашките критериуми остануваат клучни за пристапниот процес. Но, според него, откако земјите стануваат полноправни членки на ЕУ, билатералните политички прашања губат на релевантност.
„Уставните измени беа последен услов за отворање на преговорите, а добрите односи со соседите треба да се одржуваат низ целиот процес. Според моето искуство со Хрватска и Словенија, иако имавме отворени прашања со нив, по нивното зачленување во ЕУ, тие прашања целосно ја изгубија политичката важност“, заклучува амбасадорот.


