ИТАЛИЈА ГИ ОЛЕСНУВА ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА ШЕНГЕНСКИТЕ ЛЕТОВИ – не е потребна лична карта при качување
Новата мерка се смета за значителен чекор во правец на олеснување на аеродромските процедури и забрзување на протокот на патници, особено во време на зголемен авио-сообраќај низ Европа.

Патниците што патуваат од Италија кон дестинации во рамки на земјата или Шенген зоната повеќе нема да мора да покажуваат лична карта или пасош при качување во авион. Италијанската агенција за цивилно воздухопловство (ENAC) денеска објави дека доволен ќе биде само авионскиот билет, пренесува агенцијата „Танјуг“.
Според новата регулатива, персоналот на авиокомпаниите веќе нема обврска да го проверува совпаѓањето помеѓу податоците на документот за идентификација и бординг-картата на портата за качување.
ENAC уверува дека безбедноста на патниците не е загрозена, бидејќи сите минуваат низ вообичаени проверки на контролни пунктови со метал-детектори и рендгенска проверка пред да влезат во таканаречената „стерилна зона“ на аеродромите. Италијанскиот весник Кориере дела Сера објави дека оваа постапка се однесува исклучиво на летови внатре во Италија и кон земјите од Шенген зоната – меѓу кои се 25 членки на ЕУ, како и Исланд, Норвешка, Лихтенштајн и Швајцарија.
Ирска, која не е дел од Шенген, и натаму бара задолжителна идентификација, додека Кипар постепено ги усогласува своите процедури. Дополнително, италијанското Министерство за внатрешни работи го задржува правото да ја наметне задолжителната идентификација на т.н. „чувствителни рути“ – оние што се сметаат за потенцијално ризични од миграциски аспект.
Иако новите правила значат поедноставена процедура при качување, на патниците сè уште им се препорачува да носат важечки лични документи – поради можни случајни проверки или потребата за идентификација при враќање од странство.
Според проценките на ENAC, оваа постапка до крајот на 2025 година може да опфати околу 51 милион патници, додека во текот на 2026 година бројката би можела да достигне 92 милиони. Важно е да се напомене дека правилото не важи за шалтерите за пријавување на аеродромите, каде што и понатаму ќе биде потребен документ за идентификација за да се добие бординг-карта.


