ИСТРАГАТА ЗА КОЧАНИ ЈА ВОДИ ЈО, А НЕ ВЛАДАТА Ако обвинителот одлучи мене да ме приведат, нека ме приведат

Ако обвинителот смета дека треба да бидам приведен, ќе бидам приведен. Ако смета дека треба да одам во затвор, ќе одам. Владата не води истраги - тоа е работа на обвинителството“, рече премиерот

ИСТРАГАТА ЗА КОЧАНИ ЈА ВОДИ ЈО, А НЕ ВЛАДАТА Ако обвинителот одлучи мене да ме приведат, нека ме приведат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница порача дека Владата нема ингеренции во истрагата за трагичниот настан во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а над 100 беа повредени. Тој истакна дека за истрагата е надлежно Јавното обвинителство, во координација со судот.

„Ние како извршна власт ќе постапуваме по налог на Јавното обвинителство. Ако обвинителот смета дека треба да бидам приведен, ќе бидам приведен. Ако смета дека треба да одам во затвор, ќе одам. Владата не води истраги – тоа е работа на обвинителството“, рече премиерот, одговарајќи на пратеничко прашање на седницата посветена на пратенички прашања.

Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески, побара одговор за текот на истрагата и дали некој од надлежните ќе сноси морална одговорност. Тој обвини дека нема ниту една оставка по трагедијата, и дека се води селективна истрага со цел да се заштитат високи функционери.

„По повеќе од еден месец од трагедијата, не гледаме чувство на морална одговорност од највисоките владини функционери. Се создава впечаток за селективна истрага, со цел прикривање на вината на носители на јавни функции“, посочи Трајчулески.

Во својот одговор, Мицкоски информираше дека досега 68 лица се опфатени во истрагата и подвлече дека процесот го водат обвинителите и судиите избрани од поранешната власт.

„Ќе видиме дали бројката ќе остане 68 или ќе биде 168 – тоа е во надлежност на обвинителството. Владата нема улога во тоа“, изјави тој.

Премиерот додаде дека еден актуелен градоначалник веќе се наоѓа во притвор и повика на воздржаност при политичките оценки за истрагата.

„Постапуваат истите обвинители и судии кои вие ги избравте. Затоа, најмалку вие имате право да зборувате за морал и правда“, му порача Мицкоски на опозицискиот пратеник.

Тој исто така појасни дека надлежноста за лиценците на локалите ја има Министерството за економија, иако, како што рече, во некои случаи биле издавани нелегални дозволи.

„Во оваа ситуација треба да ги оставиме на мир семејствата на жртвите, затоа што нивната болка е најголема“, заклучи премиерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This