ИСТРАГА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА МАЛОЛЕТНИЧКА Уапсен еден осомничен

ИСТРАГА ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА МАЛОЛЕТНИЧКА Уапсен еден осомничен

Само еден осомничен е приведен досега во врска со сериозен случај на сексуална злоупотреба и уцени врз малолетно девојче од село во Општина Липково, иако според првичните сознанија, во настанот биле инволвирани повеќе лица.

Како што објави Алсат, станува збор за организирана група која со месеци вршела притисоци, злоупотреби и уцени врз 16-годишно девојче, користејќи интимни видеосодржини како средство за закана.

Според неофицијални информации од полициски извори, случајот бил откриен во неформални околности, по што била покрената истрага. Засега, слободата му е одземена на едно лице, додека останатите осомничени сè уште не се приведени.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 2 јануари во Куманово е уапсен 31-годишен маж со иницијали Н.А. од селото Слупчане, во рамки на истрагата за закани и уцени кон малолетното девојче.

„Лицето е осомничено дека ѝ се заканувало на малолетничка дека ќе објави експлицитни фотографии доколку не му бидат дадени пари“, соопштија од МВР.

Според сознанијата со кои располагаат истражните органи, најмалку 17 лица се поврзуваат со случајот, а злоупотребите, според пријавеното, траеле од јуни минатата година. Неофицијално, пријавата до надлежните институции ја поднел таткото на девојчето.

Од Обвинителството засега не излегуваат со дополнителни детали, а истрагата е во тек поради тежината и чувствителноста на случајот.

Според Кривичниот законик, за делата што вклучуваат сексуална злоупотреба, уцена и условување за пари или сексуални услуги, е предвидена казна затвор до 10 години, додека во случаи кога делото е извршено од група, законската рамка дозволува изрекување и построги санкции.

Надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со истрагата сè додека не бидат расветлени сите околности и одговорни лица во овој тежок случај.

CATEGORIES
Share This