ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ВО ВАШИНГТОН – Македонија добива посебен третман од САД

Средбата ја потврдува континуитетот на сојузништвото меѓу Македонија и САД и зајакнува регионалната стабилност.

ИСТОРИСКИ ЧЕКОР ВО ВАШИНГТОН – Македонија добива посебен третман од САД
Фото: Принтскрин

По четиригодишна пауза, во Вашингтон денеска ќе се одржи втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Владината делегација ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а во неа се и министрите Панче Тошковски, Владо Мисајловски, Стефан Андоновски и Сања Божиновска.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека дијалогот претставува важна платформа за продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството со САД. Во фокусот ќе бидат одбраната и безбедноста, сајбер-безбедноста, технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани и унапредувањето на граничната безбедност.

Со одржувањето на оваа сесија се потврдува континуитетот на сојузништвото меѓу двете земји и нивната заедничка посветеност кон стабилноста, безбедноста и просперитетот како во регионот, така и пошироко.

Во пресрет на средбата, Муцунски изјави дека Северна Македонија ќе биде првата европска земја што ќе одржи стратешки дијалог во Вашингтон во рамки на актуелната американска администрација. Тој очекува разговорите да донесат конкретни резултати, особено во делот на одбраната, безбедноста, како и економската и трговската соработка, со директни придобивки за граѓаните.

CATEGORIES
Share This