ИСТОРИСКА ПОБЕДА – ПСЖ го освои првиот трофеј во ЛШ со 5:0 над Интер

Во финале за кое ќе се зборува со години, Парижаните демонстрираа тотална надмоќ над Интер, тим кој до пред само еден месец важеше за потенцијален освојувач на триплета.

ИСТОРИСКА ПОБЕДА – ПСЖ го освои првиот трофеј во ЛШ со 5:0 над Интер
Фото: Принтскрин

70-то финале на Лигата на шампионите – ПСЖ конечно го освои најпрестижниот европски клупски трофеј, со брилијантна победа од 5:0 против Интер. Тимот на Луис Енрике не само што ја испиша најсветлата страница во историјата на клубот, туку тоа го стори на доминантен начин, без своите поранешни ѕвезди Мбапе, Меси и Нејмар.

Во финале за кое ќе се зборува со години, Парижаните демонстрираа тотална надмоќ над Интер, тим кој до пред само еден месец важеше за потенцијален освојувач на триплета. Но вечерва, „нераѕурите“ не само што не успеаја да освојат ниту еден трофеј оваа сезона, туку претрпеа една од најтешките финални загуби во историјата на натпреварувањето.

ПСЖ започна агресивно и веднаш го наметна својот ритам. Првата сериозна шанса ја имаше Дембеле во 10. минута, но Зомер успеа да го неутрализира ударот. Сепак, само две минути подоцна, Хакими погоди за 1:0 по перфектна акција, не славејќи го голот од почит кон својот поранешен клуб.

Во 20. минута, Дуе го зголеми водството на 2:0, со гол во кој топката несреќно го погоди Димарко и го измами Зомер. Интер изгледаше дезориентирано и безидејно, како да не се појави на финалето.

Првото полувреме заврши со убедливо водство на ПСЖ, додека Интер имаше само една полушанса преку Ачерби. Вториот дел донесе уште поголема доминација на францускиот тим.

Дуе повторно се запиша во листата на стрелци во 64. минута по мајсторски потег на Дембеле. Кварацкелија во 73. минута зголеми на 4:0, а Мају ја заокружи голеадата за историски 5:0 на „Алијанц Арена“.

Интер беше непрепознатлив и целосно надигран, а резултатот лесно можеше да биде уште поубедлив. За ПСЖ, ова финале е остварување на долгогодишниот сон, потврда на огромните инвестиции и прво крунисување на европскиот престол.

ПСЖ 5–0 Интер
Стрелци: Хакими 12′, Дуе 20′, 64′, Кварацкелија 73′, Мају 85′
Стадион: Алијанц Арена, Минхен
Судија: Дани Макели (Холандија)

ПСЖ ја заврши сезоната со триплета, потврдувајќи дека е новата сила на европскиот фудбал.

CATEGORIES
Share This