ИСТОРИСКА НАБАВКА ОД ТУРЦИЈА – Македонија прва во Европа со турските хаубици БОРАН

Набавката на БОРАН се надоврзува на досегашната модернизација на Армијата на Македонија.

ИСТОРИСКА НАБАВКА ОД ТУРЦИЈА – Македонија прва во Европа со турските хаубици БОРАН

Македонија стана првата европска земја што ги набави турските влечни хаубици БОРАН со калибар од 105 милиметри, објави турското Министерство за одбрана, пренесува порталот militarnyi.com.

„Честитки до сите што придонесоа за овој успех, кој има големо значење бидејќи претставува прв извоз на нашите хаубици во Европа“, стои во официјалното соопштение од Анкара.

Испораката е реализирана врз основа на договорот потпишан на 21 декември 2022 година, според кој македонската армија доби шест парчиња од хаубиците БОРАН, заедно со соодветна муниција.

Овој артилериски систем е во служба на турската армија од 2021 година. Хаубицата БОРАН има цевка долга 30 калибри, вкупна тежина од 1.745 килограми (вклучувајќи го системот за управување со огнот), и дострел до 17 километри.

Таа е најлесната хаубица во својата класа и може да се транспортира со хеликоптер, што ја прави особено погодна за брзи и мобилни операции.

Благодарение на интегрираниот систем за управување со огнот и GPS-навигација, системот обезбедува висока прецизност и ефикасност на теренот во споредба со класичните артилериски решенија.

Набавката на БОРАН се надоврзува на досегашната модернизација на Армијата на Македонија. Претходно, земјата доби донација од Норвешка во форма на камиони и теренски возила, а минатата година Стејт департментот на САД одобри продажба на JLTV оклопни возила за потребите на македонската армија.

CATEGORIES
Share This