ИСТОРИСКО СОСЛУЖУВАЊЕ Архиепископот Стефан и поглаварот на Православната Црква во Америка заедно во Вашингтон
Особено значајно беше тоа што Митрополитот Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во диптихот на поглаварите на православните цркви.

Во катедралниот храм „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, во вторникот се одржа историска заедничка света литургија на Митрополитот Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада, г.г. Тихон, и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан. Настанот го пренесе „Литургија.мк“.
На литургијата сослужуваа бројни архијереи, свештеници и ѓакони од повеќе помесни православни цркви, а молитвено присуствуваше и Митрополитот Американско-канадски, г. Методиј.
Особено значајно беше тоа што Митрополитот Тихон за првпат го спомна Архиепископот Стефан во диптихот на поглаварите на православните цркви. Со овој чин литургиски беше потврдено признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Православната Црква во Америка.
На настанот присуствуваа многубројни македонски свештеници и верници од САД и Канада. По литургијата во македонската амбасада во Вашингтон беше организиран свечен прием и средба со амбасадорот Зоран Попов.
Архиепископот Стефан, кој престојува во САД на покана на Митрополитот Американско-канадски Методиј, ќе учествува во одбележувањето на 60-годишнината од осветувањето на храмовите во црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, Охајо. Потоа ќе ја продолжи посетата во Канада, каде што ќе присуствува на јубилејните чествувања во црковната општина „Св. Климент“ во Торонто, Онтарио.


