ИСПЛАТЕНИ 30 МИЛИОНИ СУБВЕНЦИИ – Земјоделците најавуваат зголемување на цените на производите

Овчарството и полјоделството со најголеми проблеми, плати до 2.000 евра не привлекуваат работници

ИСПЛАТЕНИ 30 МИЛИОНИ СУБВЕНЦИИ – Земјоделците најавуваат зголемување на цените на производите
Фото: Национал

Државата им исплати на земјоделците околу 30 милиони евра за заостанати и тековни субвенции, но остануваат неплатени околу 70 милиони евра. Сточарите ги добија парите за премијата за млекото за 2025 година до јуни, но се уште се должи за втората половина од 2025 година, основните субвенции по грло и спорните субвенции за јагнето од 2024 година.

Министерот Цветан Трипуновски рече дека владата работи на санирање на наследените долгови и редовно исплаќање на субвенциите. Програмата за 2026 година предвидува 100 милиони евра, без кратење на средства, со дополнителни пари од ребаланс ако е потребно.

Сепак, дел од земјоделските здруженија не ја прифаќаат програмата и бараат враќање и ревидирање на старата програма од 2025 година, предупредувајќи дека многу земјоделци и сточари ќе останат без субвенции.

За мерката „зелена нафта“ се поделени картички и над 80% од средствата се искористени. Министерот се надева дека цената на нафтата ќе се стабилизира пред жетвата, за да не се зголеми дополнително трошокот за земјоделците.

Истовремено, земјоделците најавуваат зголемување на цените на производите, бидејќи репроматеријалите, особено ѓубривата, се набавуваат од Блискиот Исток. Претседателот на Националната федерација на фармерите, Стеванче Јорданоски, апелира Министерството за земјоделство да активира кризен фонд за ублажување на последиците од кризата.

Министерот Цветан Трипуновски вели дека состојбата се следи секојдневно и доколку е потребно ќе се интервенира. Тој не очекува проблеми со откупот на јагнето, кое кланиците го нудат по 260 денари, а пикот се предвидува пред велигденските празници.

На Годишното собрание, земјоделците посочија проблеми како ниски откупни цени, недостиг на работна сила, лоша инфраструктура и климатски промени. Јорданоски нагласува дека миграцијата од селата ја загрозува иднината на земјоделството и апелира за политики кои ќе го направат секторот атрактивен за младите и жените, преку подобри услови, финансиски стимулации, модернизација на инфраструктурата и образовни програми.

Најкритични се полјоделството и сточарството, а овчарите се дефицитарен кадар и тешко се наоѓаат дури и за плата од 2.000 евра.

CATEGORIES
Share This