ИСАК СЕ ПОБЛИСКУ ДО ЛИВЕРПУЛ – Усмениот договор е постигнат, се чека на договор меѓу клубовите

Шведскиот репрезентативец и напаѓач на Њукасл, Александар Исак, направи важен чекор кон трансфер на „Енфилд“ – според информациите на новинарот Флоријан Плетенберг од „Скај спорт Германија“, Исак постигнал усмен договор со Ливерпул и изразил желба да се приклучи на англискиот гигант.
Иако Њукасл првично тврдеше дека играчот не е на продажба, ситуацијата драстично се промени кога самиот Исак побара трансфер. Ова го натера клубот да отвори врата за преговори, особено откако Ливерпул веке го доведе Уго Екитике од Ајнтрахт, но сепак остана упорен и во трката за Швеѓанецот.
Според Transfermarkt, вредноста на Исак изнесува 120 милиони евра, но Њукасл постави далеку повисока цена – 170 милиони евра. Ливерпул, пак, понудил околу 120 милиони, и се очекува клубовите да најдат компромис некаде помеѓу овие суми.
Особено интересно е што саудиски клубови ја прифатија бараната сума, но Исак категорично одбил ваков трансфер со образложение дека единствено сака да игра за Ливерпул.
Исак има договор со Њукасл до 30 јуни 2028 година, што му дава силна преговарачка позиција на клубот од „Сент Џејмс Парк“, но притисокот од фудбалерот може да биде клучен фактор за трансферот да се реализира.
Доколку преминот се случи, ќе стане еден од најскапите трансфери во историјата на Ливерпул, и сериозно ќе ја засили конкуренцијата во нападот за сезоната 2025/26.


