ИРАН ПОДГОТВЕНА НА НОВИ ОТСТАПКИ – Нуди американски инвестиции во нафта и гас во замена за санкции
Техеран предлага компромис во нуклеарната програма за укинување на американските санкции

Иран е подготвен да направи отстапки во својата нуклеарна програма во разговорите со Соединетите Американски Држави, во замена за укинување на санкциите и признавање на неговото право на мирно збогатување на ураниум, изјави денес неименуван ирански функционер.
Сепак, двете страни се уште се длабоко поделени околу обемот и темпото на ублажување на американските санкции, по две рунди разговори, додаде функционерот за Ројтерс.
Според него, Техеран би разгледал комбинација од мерки, вклучувајќи испраќање на половина од залихите на високо збогатен ураниум во странство, разредување на преостанатите залихи, и учество во создавање регионален конзорциум за збогатување ураниум, идеја која периодично се разгледувала во минатите дипломатски преговори.
Сето тоа би се случило во замена за признавање на правото на Иран за мирно збогатување ураниум и укинување на економските санкции од страна на САД.
Иран, исто така, предложи можност американски компании да учествуваат во главните нафтени и гасни сектори во земјата како дел од економскиот пакет, со цел решавање на деценискиот спор околу нуклеарните активности на Техеран.
Функционерот истакна дека, и покрај длабоките разлики, постои можност за постигнување привремен договор додека траат преговорите.
Белата куќа засега не коментирала.
Вашингтон гледа на збогатувањето на ураниум во Иран како потенцијален пат кон развој на нуклеарно оружје, додека Техеран инсистира на своето право на мирно збогатување и негира намера за производство на нуклеарно оружје.
Разговорите меѓу Иран и САД се обновија неодамна, додека САД го засилуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Иран се закани дека ќе ги нападне американските бази во регионот доколку биде нападнат.


