ИРАН ОДБИВА ЗАПАДНИ УЛТИМАТУМИ Претседателот Пезешкијан прашува кои се тие да им наредуваат?
Врховниот ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи, исто така изрази скепса околу успешноста на преговорите со САД и повтори дека Иран „не бара ничија дозвола“ за збогатување ураниум.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан остро реагираше на барањата од САД и западните сили за ограничување на нуклеарната програма на земјата. Во интервју за државната новинска агенција ИРНА, тој категорично изјави дека Иран нема да попушти под, како што ја нарече, „американската ароганција“.
„Нема да се поклониме. Никогаш нема да прифатиме да се откажеме од нуклеарните истражувања само за да чекаме дозвола од Западот за развој на нашата индустрија, медицина, земјоделие и други научни гранки“, истакна Пезешкијан.
Тој ги критикуваше американските барања за запирање на збогатувањето ураниум, оценувајќи ги како обид за уништување на цела иранска индустрија.
„Кои се тие што ни наредуваат што смеат нашите научници да истражуваат?“, запраша претседателот.
САД, од своја страна, продолжуваат да ја притискаат Техеран да ја намали или прекине својата нуклеарна програма. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сè помалку верува во можноста за постигнување нов договор со Иран, нагласувајќи дека „Иран нема да има нуклеарно оружје, без разлика дали ќе има договор или не“.
Шестата рунда од преговорите меѓу Иран и САД е закажана за оваа недела во главниот град на Оман, Мускат, потврди портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи. Преговорите, кои се водат со посредство на Оман, започнаа повторно во април и досега се одржаа рунди и во Мускат и во Рим. Иако двете страни признаваат извесен напредок, суштински пробив сè уште не е постигнат.
Клучна точка на несогласување останува прашањето за збогатувањето ураниум – САД бараат негово целосно укинување, додека Иран инсистира дека има суверено право да продолжи со програмата.
Врховниот ирански водач, ајатолахот Али Хамнеи, исто така изрази скепса околу успешноста на преговорите со САД и повтори дека Иран „не бара ничија дозвола“ за збогатување ураниум.
Инаку, нуклеарниот договор од 2015 година беше напуштен од страна на САД во 2018 година под водство на Трамп, кој тогаш најави можни воени мерки ако не се постигне нов договор.
Ситуацијата останува напната, а исходот од претстојната рунда преговори во Мускат би можел да биде пресуден за иднината на нуклеарната програма на Иран.


