ИРАН ГО ПОДИГНА ВЛОГОТ Следната војна ќе биде последна за Израел
По 12-дневна жестока размена на напади, беше постигнато примирје со посредство на САД, кое сè уште е на сила.

Во случај на нов вооружен конфликт со Израел, Исламската Република Иран е подготвена за целосна пресметка која, според ирански извори, би можела да значи крај за „ционистичкиот режим“. Анонимен висок извор од Техеран изјави за рускиот медиум RT дека иранските власти ја идентификувале клучната слабост на Израел и се подготвени да ја искористат, доколку повторно дојде до ескалација.
„Иран ја разбира воената и технолошката структура на својот главен противник и ја препозна слабата точка на израелската одбрана“, изјави изворот. Тој нагласува дека Иран располага со „десетици илјади ракети од нова генерација“, способни да ја пробијат израелската воздушна одбрана, а во евентуален конфликт би биле лансирани стотици ракети дневно кон израелска територија.
Според истиот извор, иранските власти уживаат „невидена поддршка“ меѓу домашното население, како и кај Иранците во дијаспората, за да ја искористат оваа, како што ја нарекуваат, „историска можност“ за трајно неутрализирање на заканата од Израел.
И покрај очекуваната американска поддршка за Израел, Техеран, според изјавата, е подготвен да се соочи и со Вашингтон. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека неодамнешниот одговор на Техеран „практично ја онеспособи и уништи“ израелската воена моќ. Тој додаде дека „ционистичкиот режим би бил целосно срушен доколку немаше американска интервенција“.
Конфликтот меѓу Иран и Израел ескалираше откако Израел нападна низа ирански воени и нуклеарни објекти, при што загинаа стотици лица, меѓу кои и високи воени команданти и научници поврзани со нуклеарната програма. Според Тел Авив, Техеран е блиску до создавање нуклеарна бомба – навод што Иран го негира.
На 22 јуни, САД се приклучија кон нападите, погодувајќи три ирански нуклеарни постројки, вклучувајќи ги Натанц и Фордоу. Иран возврати со масовен напад со камиказа-дронови и ракети врз Израел и американската база во Ал Удеид, Катар.
По 12-дневна жестока размена на напади, беше постигнато примирје со посредство на САД, кое сè уште е на сила. Сепак, тензиите не стивнуваат. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна му се закани на Техеран со нови воени удари доколку продолжи со нуклеарната програма. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така не ја исклучи можноста за понатамошни напади.


