ИРАН БАРА СЛОБОДА – САД најавуваат можна интервенција
Протестите во Иран ескалираат, додека министерот Арагчи нагласува дека внатрешните работи на земјата не се предмет на странска интервенција и истакнува регионална соработка со Оман за стабилност

Иран се соочува со еден од најсериозните бранови протести во последните години. Првично, демонстрациите започнаа како израз на економско незадоволство поради инфлацијата, падот на животниот стандард и корупцијата, но брзо прераснаа во пошироки политички протести насочени против структурата на владата.
САД се подготвени да интервенираат ако иранските сили почнат да „убиваат луѓе“, изјави висок американски претставник во радио емисија.
Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, истакна дека ниедна земја нема право да се меша во внатрешните работи на независните држави. Арагчи ова го рече на прес-конференција со својот омански колега Саид Бадр бин Хамад Ал Бусаиди во Техеран, по речиси час и половина приватни разговори.
„Независниот суверенитет на земјите е главен принцип на меѓународното право и внатрешните работи на земјите може да се решат само преку дијалог“, рече Арагчи.
Тој додаде дека Иран и Оман редовно одржуваат консултации за регионални прашања, вклучувајќи ги и најновите случувања во Јемен, и дека двете земји се спротивставуваат на планови за распаѓање на Јемен, бидејќи тоа би довело до нестабилност и тензии во регионот.
Иранскиот министер нагласи и важноста од зачувување на територијалниот интегритет на Сомалија, Сирија и другите држави во регионот, предупредувајќи на, како што рече, заговорите на Израел за фрагментирање на државите.
Тој истакна дека проблемите во Јемен мора да ги решаваат само неговите граѓани, а регионалните земји кои се грижат за мирот и стабилноста ќе се обидат да играат улога во овој процес.
„Иран и Оман отсекогаш се стремеле да промовираат добрососедски односи и да спречат странски заговори насочени кон ширење раздор меѓу земјите од регионот. Решени сме да ги продолжиме и прошириме односите врз основа на меѓусебно почитување и добрососедство“, додаде Арагчи.
Тој исто така најави дека наскоро ќе се одржи заедничка економска комисија во Техеран.


