ИРАН БАРА ПРЕМЕСТУВАЊЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ – Преговори со ФИФА за Мексико
Преговори со ФИФА а Мехди Таџ најавува можност за натпревари во Мексико.

Амбасадата на Иран во Мексико соопшти дека нивната фудбалска асоцијација сака натпреварите да се одржат во земјата, но се смета дека ФИФА не е подготвена да ги премести натпреварите помалку од 100 дена пред почетокот на Светското првенство.
Неизвесноста околу учеството на Иран се зголеми поради конфликот со САД и Израел. Минатиот четврток, поранешниот претседател Доналд Трамп изјави:
„Иранската фудбалска репрезентација е добредојдена на Светското првенство, но навистина не верувам дека е соодветно тие да бидат таму.“
На ова реагираше Иран. Мехди Таџ, претседател на Иранската фудбалска асоцијација, рече:
„Откако Трамп експлицитно изјави дека не може да ја обезбеди безбедноста на иранската репрезентација, сигурно нема да патуваме во Америка. Моментално преговараме со ФИФА за одржување на натпреварите на Иран во Мексико.“
Иран треба да игра против Нов Зеланд, Белгија и Египет на западниот брег на САД во јуни. Првите два натпревари се закажани на „СоФи Стедиум“ во Инглвуд, додека третиот ќе се игра на „Лумен Филд“ во Сиетл.
Иако Светското првенство формално се организира од Мексико, Канада и САД, најголемиот дел од натпреварите се играат во САД. Доколку Иран ја помине групата, многу е веројатно да се сретне со САД во нокаут-фазата.
На прашање за вклученоста на Иран, Трамп една недела претходно изјави:
„Навистина не ми е гајле.“
Доколку Иран се повлече, тоа би било прво такво отстапување во модерната ера на Светските првенства, а ФИФА би морала брзо да најде замена. Сепак, Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) изјави дека досега не е известена за евентуално повлекување.
„Конечната одлука ја носи асоцијацијата, а тие досега не потврдиле дека ќе го бојкотираат Мундијалот“, рече генералниот секретар на АФЦ, Виндзор Џон.
Во мартовскиот распоред за пријателски натпревари, Иран ќе учествува на мини-турнир во организација на ФИФА, играјќи против Нигерија и Костарика. Натпреварите првично беа закажани во Аман, Јордан, но ФИФА го премести турнирот во Анкара, Турција, поради ситуацијата на Блискиот Исток. Ова покажува дека Иранците сè уште не се откажуваат од настапот на Мундијалот, кој ќе биде нивен седми.
На Светското првенство, Иран ќе игра во групата Г против Нов Зеланд (15 јуни), Белгија (21 јуни) и Египет (26 јуни).


