ИНЖЕНЕРИ НА МАКЕДОНИЈА Да не се озаконуваат паушални фактури за струја, штетата за домаќинствата може да биде и по 8.000 денари годишно

Нивните пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство

ИНЖЕНЕРИ НА МАКЕДОНИЈА Да не се озаконуваат паушални фактури за струја, штетата за домаќинствата може да биде и по 8.000 денари годишно

Инженери на Република Македонија ИРМ)денеска упати апел до пратениците и Министерството за енергетика да ги отстранат, како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика, кој, на 22 април треба да влезе во собраниска процедура, за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.

ИРМ остро се спротивставува на предложените измени кои дозволуваат издавање на сметки за електрична енергија врз основа на проценета, наместо реално измерена потрошувачка. Ваквиот пристап, според здружението, е неприфатлив и ги става граѓаните во позиција да плаќаат повеќе од она што навистина го потрошиле.

ИРМ потсетува дека со ваквите измени се легализира праксата на паушално фактурирање, што стана особено проблематично по воведувањето на блок-тарифите од 1 јули 2022 година. Нередовното читање на броилата доведува до тоа потрошувачите да бидат несоодветно распоредени во повисоки ценовни блокови, што резултира со непропорционално зголемени сметки за струја.

„Бараме јасни, прецизни и фер одредби кои ќе гарантираат транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реална потрошувачка. Само така може да се заштити интересот на потрошувачите и да се обезбеди правична енергетска политика. Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“ – порачуваат од ИНРМ.

Нивните пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.

„Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“- се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2“, потенцираат од ИРМ.

Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.

CATEGORIES
Share This