ИНЗАГИ ЗАМИНУВА Нов предизвик во Ал-Хилал

Симоне Инзаги повеќе не е тренер на Интер. Италијанскиот стратег по четири години ја напушта клупата на „нероазурите“, по взаемен договор со раководството на клубот. Како што објавија официјално од Интер, Инзаги ја прифатил понудата да го предводи саудискиот гигант Ал-Хилал.
Одлуката е донесена на денешната средба меѓу Инзаги, претседателот Џузепе Марота и спортскиот директор Пјеро Аузилио, а потврдена е со официјално соопштение од клубот. Од Интер му оддадоа признание за придонесот во последните четири сезони, во кои тимот освои вкупно шест трофеи – меѓу кои и една шампионска титула и два Купа на Италија.
„Во име на нашиот акционер Oaktree и целиот клуб, сакам да му се заблагодарам на Симоне Инѕаги за сработеното, за неговата посветеност и искреност за време на денешниот разговор, кој резултираше со заедничка одлука да тргнеме по различни патишта. Само кога се бориш рамо до рамо секој ден, можеш да водиш толку искрен дијалог“, изјави Марота.
И покрај домашните успеси, големата неостварена цел остануваат финалињата во Лигата на шампионите, каде што Интер двапати беше поразен. Последниот удар дојде со тешкиот пораз од 0-5 против Пари Сен Жермен, што, според италијанските медиуми, било пресудно за разделбата.
Инзаги веќе се упати кон Саудиска Арабија, каде ќе го преземе кормилото на Ал-Хилал. Саудискиот клуб, иако не ја освои титулата во домашното првенство, обезбеди пласман на Светското клупско првенство кое започнува во средината на јуни. Дебито на Инзаги ќе биде спектакуларно – на 18 јуни против европскиот првак Реал Мадрид.
Во меѓувреме, Интер веќе бара наследник. Најголем фаворит за клупата е Цеск Фабрегас, актуелен тренер на Комо, а како можни опции се споменуваат и Роберто Де Зерби, кој неодамна го презеде Марсеј, како и поранешниот селектор на Италија Роберто Манчини.


