ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН КАРНЕВАЛ ВО ПРИЛЕП – Гости од Србија, Албанија, Бугарија, Грција и Црна Гора
Карневалските активности почнуваат во петок со изложба на маските и продолжуваат со детското и главното дефиле.

Околу 500 маскирани учесници годинава ќе учествуваат на карневалот „Прочка 2026“ во Прилеп. Карневалските активности почнуваат во петок со традиционалната изложба на маските, додека в сабота ќе се одржи детското карневалско дефиле. Главното дефиле со учесници од Прилеп, од останати градови во земјата и од странство ќе се одржи в недела од 13 часот во центарот на градот.
„Карневалот „Прочка“ годинава го одбележува јубилејот. Се одбележуваат 25 години од организираното одржување на карневалската поворка на „Прочка“, а мечкарите, заштитната маска на карневалот, ја отвораат поворката и потсетуваат на традицијата која постои веќе 100 години. Традицијата на два карневалски дена е повторно воведена: сабота е резервирана за детското дефиле, додека недела е за централното со интернационално учество“, истакна прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Здружението „Прилепски мечкари“, организатор на карневалот, со гордост ги најавува гостите, вклучувајќи ги и претставниците на Меѓународната асоцијација на карневалските градови.
„По повеќегодишна пауза, на карневалот ќе учествуваат групи од Србија (од четири градови), Албанија, Бугарија, како и гости од Грција и Црна Гора. Годинава е голем јубилеј: според прилепски архиви и сведоштва од постари граѓани, веќе во 1920-21 година имало организирани поворки на мечкарите, што ја потврдува вековната традиција. Од друга страна, карневалот „Прочка“ одбележува 25 години организирана поворка. Прилеп е љубител на „преправањата“ и оваа традиција ќе се продолжува“, нагласи Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
Маската „Прилепски мечкари“, со својот целосен обреден ритуал, е заштитено нематеријално културно наследство на Министерството за култура од 2019 година.
„Подготовките за карневалот се во завршна фаза, пријавувањето за детскиот карневал во сабота и за главното дефиле во недела е отворено. Целта е карневалот да го заземе своето заслужено место како културна манифестација која ја промовира традицијата и посебностите на регионот. На најуспешните маски од петок ќе им бидат доделени награди, како и на победниците од детското и централното дефиле, според стручно жири. Особено радува враќањето на учесници од други градови и соседните земји, изјави Снежана Ристеска“, советник за култура при локалната самоуправа во Прилеп.
Карневалската програма викендов ќе биде збогатена со настапи на жонглери, акробати, кловнови и пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време, а секаде ќе има организирани карневалски забави за посетителите.
Според традицијата, в понеделник, здружението „Прилепски мечкари“ ќе организира посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп, со што ќе биде одбележан „Чист понеделник“ и почетокот на велигденските пости.


