ИНСТИТУТ ЗА КЛАСИЧНИ СТУДИИ – Задолжително изучување на латински јазик
Учениците што учат латински постигнуваат подобри резултати

Наставниците од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ ја поздравуваат предложената концепција за гимназиско образование, но изразуваат загриженост дека класичните јазици, особено латинскиот и старогрчкиот, се недоволно застапени и ризикуваат да се деградираат.
Во допис до медиумите, тие истакнуваат дека е збунувачки и несоодветно што предлог-концепцијата ги сведува класичните јазици само на латинскиот, кој се предлага како изборен предмет само во трета година од средното образование, додека старогрчкиот е целосно изоставен.
„За жал, застапеноста и статусот на предметот ‘Латински јазик и класична култура’ изборен предмет само во трета година, со едногодишно изучување не одговараат на неговиот потенцијал да придонесе кон целите, начелата и задачите на гимназиското образование. Сметаме дека овој предмет треба да биде задолжителен една година за сите ученици. Со тоа, учениците и матурантите од нашите гимназии би се доближиле до врсниците од европските земји и би имале подобра подготовка за успешно следење на повеќе студиски програми“, посочуваат професорите.
Тие ја нагласуваат и важноста на класичните јазици за формирањето научни термини во сите дисциплини, поради што изучувањето на латински и старогрчки е особено корисно за учениците кои ќе продолжат со високото образование.
„Познавањето на значењето на латинизмите ја подобрува писменоста на учениците и нивниот капацитет за изразување и читање стручна литература. Истражувањата покажуваат дека учениците што учат латински полесно ги совладуваат другите наставни предмети и постигнуваат подобри резултати во учењето. Дополнително, изучувањето на класичните јазици поттикнува развој на критичко мислење и аналитички пристап кон решавање проблеми“, велат од Институтот.
Тие посочуваат дека латинскиот јазик, во комбинација со класичната култура, е клучен за проучување и разбирање на културното наследство од хеленистичкиот период, особено со оглед на големиот број споменици со епиграфи на латински на територијата на државата.


