ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ПОДГОТВЕН – На ред вработување на инспекцискиот кадар

Директорката Менче Андреева објаснува дека се чека согласност од Министерството за финансии за вработување на инспектори.

ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ПОДГОТВЕН – На ред вработување на инспекцискиот кадар
Фото: Принтскрин

Сѐ уште не се вработени инспектори во Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, бидејќи се чека согласност од Министерството за финансии, изјави директорката на Инспекторатот, Менче Андреева, на брифинг организиран од Министерството за култура и туризам.

Владата ја назначи Андреева за директорка на крајот на март, една година по изгласувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик на 26 јануари 2024 година. Законот предвидува задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на името на лекторот и задолжително вработување лектори во органите на државната власт, јавните установи, медиумите, конзулатите, правните лица и меѓународните организации.

„По моето назначување, прво требаше да се уреди Инспекторатот како орган во рамките на Министерството за култура. За тоа беа потребни усогласувања на законите. Направивме усогласување на Законот за македонски јазик со Законот за инспекциски надзор. По завршување на собраниските процедури, Инспекторатот почна да функционира“, рече Андреева.

Потоа беше направена измена на систематизацијата на Министерството, со што се утврдија работните места во Инспекторатот. Вкупно се систематизирани 50 работни места, од кои 28 се за инспектори. Инспекторатот подготви и Годишен план за работа за 2025 и 2026 година.

Во меѓувреме е поднесено барање до Министерството за финансии за измена на планот за вработување, во кој се предвидени само работни места за инспектори.

„Со ова сакаме да ја забрзаме постапката за вработување. Бројот на вработени ќе го определиме по добивањето на согласноста. Се надевам дека конкурсот ќе може да се објави многу скоро“, додаде директорката.

Законски, инспекторите треба да поминат обука од 12 месеци пред да полагаат испит и да добијат лиценца. Првата третина од обуката е теоретска, а останатите девет месеци се посветени на работа на терен под менторство.

Инспекторатот исто така подготвува информација до Генералниот секретаријат на Владата, со која ќе се побара од сите државни институции да известат дали имаат систематизирано работно место за лектор и дали имаат вработено лектори.

„Ова ќе ни овозможи анализа колку лектори се вработени и колку ќе треба да се вработат во наредниот период. Сега не можеме да им наложиме на институциите да вработат лектори, тоа ќе биде можно откако инспекторите ќе се стекнат со лиценца“, објасни Андреева.

CATEGORIES
Share This