ИНИЦИЈАТИВА ТРИ МОРИЊА – Шансата што Македонија не смее да ја пропушти

Стратешко партнерство со САД, Британија и Унгарија нова позиција на Македонија.

ИНИЦИЈАТИВА ТРИ МОРИЊА – Шансата што Македонија не смее да ја пропушти
Фото: Принтскрин

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека новите геополитички текови во светот бараат мудра и навремена реакција од државата, при што посебен акцент стави на иницијативата „Иницијатива Три мориња“ како стратешка можност за позиционирање на земјава.

На панел-дискусијата во Стопанската комора, посветена на транспортните коридори како двигател на економскиот развој и безбедноста во регионот, Николоски истакна дека државата има сериозен потенцијал за интеграција и соработка.

Тој нагласи дека Коридор 10 и Коридор 8 се клучни инфраструктурни оски што ѝ обезбедуваат на земјата геостратешка предност. Првиот претставува еден од најзначајните бизнис коридори во Европа, додека вториот има силна безбедносна димензија во рамки на НАТО.

Според него, Владата интензивно инвестира во нивна модернизација со цел подобрување на поврзаноста и јакнење на економскиот потенцијал.

Во контекст на надворешната политика, Николоски посочи дека државата се стреми да се позиционира како стратешки партнер на САД, што се потврдува преку засилените дипломатски активности и тековниот стратешки дијалог во Вашингтон.

Дополнително, тој потсети на веќе воспоставените партнерства со Обединетото Кралство и Унгарија, оценувајќи дека ваквите договори јасно ја дефинираат геополитичката насока на државата.

„Најголем ризик е да не се препознаат глобалните промени. Мора да бидеме свесни за моментот и да ги искористиме шансите што ни се нудат“, потенцираше Николоски.

Говорејќи за инфраструктурните проекти, тој истакна дека автопатската мрежа на Коридор 10 е веќе функционална, додека за железницата е во тек реализација на проект за брза пруга со поддршка од Обединетото Кралство, со рок за завршување до 2031 година.

Паралелно, се развиваат и енергетски проекти, вклучително и гасниот интерконектор со Грција, како и планираното поврзување со Србија. Со тоа, според него, се создава алтернативна енергетска мрежа во однос на проектите како Турски тек.

Во однос на Коридор 8, Николоски информираше дека изградбата напредува со силно темпо, делници веќе се пуштени во употреба, а други се во фаза на изградба или реконструкција, со поддршка од ЕУ и меѓународни финансиски институции.

Целта е до 2029 година да се заокружи комплетната автопатска и гранична инфраструктура, вклучително и модернизацијата на клучните премини.

За железничкото поврзување кон Бугарија, се очекува наскоро да започне тендерската постапка за третата фаза, додека паралелно се работи на унапредување на западната железничка мрежа, со можност за нејзино продолжување до Охрид и границата со Албанија, во координација со УНЕСКО.

Николоски ги посочи и проектите на Коридор 10-Д, како и можноста за поврзување со Коридор 4 во Бугарија, како клучни инвестиции што ќе обезбедат долгорочна економска конкурентност и безбедност на државата.

CATEGORIES
TAGS
Share This