ИДЕАЛНО ЗА ПАТУВАЊЕ Без проблеми во сообраќајот низ земјата

ИДЕАЛНО ЗА ПАТУВАЊЕ Без проблеми во сообраќајот низ земјата

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, а коловозите се претежно суви, информира АМСМ во редовниот дневен билтен за состојбата на патиштата за 16 ноември 2025 година. Од вчера е активна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, без оглед на временските услови. Обврската ќе важи до 15 март 2026 година.

Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна не се забележуваат подолги задржувања при влез и излез од државата. АМСМ повторно апелира возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат сигнализацијата и да бидат особено внимателни на делниците низ клисурите, котлините и речните долини, каде што е можен пад на камења. Најризични остануваат патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

Патниот правец Охрид–Ресен преку националниот парк Галичица продолжува да биде отворен за сообраќај за возила до 3,5 тони.

На повеќе патни делници низ државата продолжуваат градежни активности што го менуваат режимот на сообраќај. На обиколницата околу Скопје, на државниот пат А2, во тек е санација на потпорни ѕидови, поради што дел од сообраќајот е пренасочен. На делот помеѓу Волково и Кондово, патот Велес–Тетово е целосно затворен, а движењето е организирано двонасочно на кратка делница во спротивниот правец.

На експресниот пат А2, на делницата Крива Паланка–Страцин кај селото Петралица, во текот на денот сообраќајот се регулира рачно со знаменца, а навечер со семафори. За санација на свлечиште на патот Косоврасти–Мелнички Мост е воведен привремен режим на сообраќај, а слични временски решенија важат и за санацијата на мостот Здуње на патот Гостивар–Стража.

Во тек се и активности на експресниот пат Градско–Дреново, кои предвидуваат пренасочување на возилата преку соодветна сигнализација. Затворање и пренасочување има и на улицата „Довеџик“ во Битола поради санација на мост, како и на патниот правец Кичево–село Цер, каде што сообраќајот е во прекин секој ден од 10 до 16 часот.

Градежни активности се изведуваат и на повеќе делници на коридорот 10Д. Привремен режим важи на патот Прилеп–Битола, каде што сообраќајот се пренасочува преку регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани. Дополнително, реконструкција на дилатациони спојки се изведува на автопатот Неготино–Велес, каде што возилата се движат по една лента.

АМСМ информира дека градежните работи продолжуваат и на делницата Желино–Тетово, каде што периодично се затвора една лента за геодетски мерења. Ограничувања има и на делницата Фариш–Прилеп, поради санација на ударни дупки.

Поради изградбата на патниот коридор 10Д на делницата Прилеп–Битола, од 2024 година важи едногодишно пренасочување на сите видови сообраќај преку клучката Тополчани и регионалниот пат Р1101 кон депонијата Алинци.

Надлежните институции апелираат возачите да бидат внимателни, да ја следат сообраќајната сигнализација и редовно да се информираат за состојбите на патиштата пред тргнување на подолг пат.

CATEGORIES
Share This