И ВОЛКОТ СИТ, И ОВЦИТЕ НА БРОЈ – Беџети сменет, а Мијалков си го задржа богатството

Поради ваквото однесување, дел од случаите застарија, што резултираше со тоа Мијалков да избегне издржување казна и да го задржи огромниот имот, за кој се шпекулира дека изнесува стотици милиони евра.

И ВОЛКОТ СИТ, И ОВЦИТЕ НА БРОЈ – Беџети сменет, а Мијалков си го задржа богатството
Фото: Национал

Најголема вест во правосудството овие денови е разрешувањето на судијата Енвер Беџети. Тој беше дел од списокот на лица на „Црната листа“ на САД, заедно со поранешниот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, кој е во бегство. Американските власти ги ставија на листата поради сериозни сомнежи за корупција и прикривање на предмети поврзани со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Согласно Стејт департментот, Беџети примал мито и бил директно вмешан во значителна коруптивна активност, поради што му е изречена забрана за влез во САД. Врз основа на тоа, Судскиот совет донесе одлука да го разреши од функцијата, со образложение дека сторил потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за судија.

Сепак, надвор од формалниот дел, јавноста бара одговори за суштинските последици од неговото постапување. Имено, Беџети постапувајќи по жалби ги одолговлекувал и прикривал предметите против Мијалков, иако постоеле првостепени пресуди со кои тој беше осуден на вкупно 30 години затвор. Поради ваквото однесување, дел од случаите застарија, што резултираше со тоа Мијалков да избегне издржување казна и да го задржи огромниот имот, за кој се шпекулира дека изнесува стотици милиони евра.

Инаку, Беџети пак, сакаше да стане дури и судија во Врховен суд, но желбата остана само желба, најверојатно поради промена на власта. Има завршено Правен факултет во Приштина. Работното искуство го започнал како секретар во Општина Боговиње, па бил управител на приватна фирма и запловил во судските води. Првпат, судија станал во Кривичниот суд во Скопје во 2010 година. Две години подоцна бил избран за судија во скопска Апелација каде постапувал по граѓански предмети, а потоа и по кривични како што биле предметите на Мијалков.

CATEGORIES
TAGS
Share This