ХРОНОЛОГИЈА НА ХАОСОТ ВО ВЕНЕЦУЕЛА: Американски напад, експлозии во Каракас, вонредна состојба – заробен Мадуро
Владата во Каракас во неизвесност засега нема информации каде се Мадуро и сопругата

Национал за читателите пренесува збирна информација за настаните што се случија во петокот на вечер спрема сабота со американскиот напад на Венецуела и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.
Социјалните медиуми се преплавени со фотографија за која се тврди дека го прикажува венецуелскиот претседател Николас Мадуро со лисици на рацете, опкружен од припадници на специјални сили. На фотографијата, која интензивно се споделува, се гледа маж налик на Мадуро како оди со рацете зад грб, опкружен со вооружени војници, додека во позадина се забележува воен авион.
Американски претседател Доналд Трамп изјави дека САД успешно спровеле голема воена операција во Венецуела, при што бил заробен Мадуро.
„Мадуро, заедно со неговата сопруга, беше уапсен и изнесен од земјата. Операцијата беше спроведена во координација со американските органи за спроведување на законот“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Тој најави и прес-конференција што ќе се одржи денеска во Мар-а-Лаго во 11:00 часот по локално време (17:00 часот по средноевропско време).
Во меѓувреме, потпретседателката на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека владата нема информации за тоа каде се наоѓаат претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
„Бараме итен доказ дека претседателот Николас Мадуро и Силија Флорес се живи“, изјави Родригез во аудио порака емитувана на државната телевизија.
По настанот, со заробувањето на Мадуро, Стејт департментот на САД издаде итно предупредување до американските државјани кои се наоѓаат во Венецуела да останат во засолништа и да избегнуваат движење.
Венецуелската влада веднаш прогласи вонредна состојба и ги повика граѓаните да се држат подалеку од улиците.
Според наводите што ги пренесуваат дел од локалните медиуми, Мадуро бил уапсен од елитната американска единица Делта. Истата единица беше вклучена и во операцијата во 2019 година во која беше убиен поранешниот лидер на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.
Првиот одред за специјални операции – Делта, попознат како Делта Форс, е елитна единица на Армијата на САД која функционира под оперативна контрола на Заедничката команда за специјални операции (JSOC). Нејзините мисии вклучуваат борба против тероризмот, спасување заложници, директни акции и специјално извидување, најчесто насочени кон цели со висока вредност.
Заедно со DEVGRU (SEAL Team 6) и 24-та ескадрила за специјални тактики, Делта Форс спаѓа меѓу таканаречените „единици од прво ниво“, задолжени за најкомплексните и најтајните операции по наредба на американскиот претседател и секретарот за одбрана. Поголемиот дел од припадниците се регрутираат од 75-от ренџерски полк и од Специјалните сили на Армијата на САД, иако селекцијата е отворена и за други воени единици.
Иако повеќето операции се класифицирани, познато е дека Делта Форс учествувала во интервенцијата во Гренада, апсењето на Мануел Нориега во Панама, како и во мисии во Сомалија, Авганистан и Ирак. Во 2019 година, оперативци на Делта Форс, заедно со 75-от ренџерски полк, учествуваа во операцијата во која беше убиен лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.
Нападите на САД врз Венецуела започнаа рано во саботата наутро кога жителите на Каракас пријавија дека слушнале силни експлозии и звук на авиони над главниот град на Венецуела. Сведоци изјавија дека биле забележани најмалку еден столб чад, а делови од јужниот дел на градот, во близина на голема воена база, останале без електрична енергија.
Социјалната мрежа „Икс“ беше преплавена со видеа на кои, според корисниците, се гледаат експлозии и летала над градот. На едно од снимките можат да се забележат хеликоптери CH-47 „Чинук“ како патролираат над Каракас.
Жителите кои биле разбудени од силниот шум споделија видеа и сведоштва, опишувајќи сцени на паника и неизвесност.
Во меѓувреме, потсетување дека американскиот претседател Доналд Трамп во минатото повеќепати најавуваше можност за копнени операции во Венецуела, како дел од стратегијата за зголемување на притисокот врз претседателот Николас Мадуро да се повлече од власт.
Тие мерки вклучуваат проширени санкции, засилено воено присуство на САД во регионот, како и повеќе од дваесет напади врз бродови за кои се тврди дека биле вклучени во трговија со дрога во Тихиот Океан и Карипското Море.
Според информации на Асошиејтед прес, најмалку седум експлозии се слушнале во близина на неколку воени објекти и на меѓународниот аеродром, а во текот на утрото воени авиони летале над градот на мала височина.
Владата на Венецуела соопшти дека „решително ја отфрла и ја осудува воената агресија на Соединетите Американски Држави“, наведувајќи дека таквите дејствија го загрозуваат меѓународниот мир и стабилност, особено во регионот на Латинска Америка и Карибите, и претставуваат сериозна опасност за животите на милиони луѓе.
Ројтерс јавува дека чад се издигал над делови од Каракас, додека околината на една воена база во јужниот дел на градот останала без електрична енергија. Очевидци наведуваат дека голем број граѓани излегле на улиците за да дознаат што се случува.
Инцидентите доаѓаат само еден ден откако Венецуела изрази подготвеност за преговори со САД за соработка во борбата против трговијата со дрога. Од септември, американските сили извршуваат напади врз бродови за кои тврдат дека потекнуваат од Венецуела и се поврзани со шверц на наркотици.
Претседателот Мадуро го обвинува Вашингтон дека се обидува да предизвика промена на власта во земјата и да обезбеди пристап до венецуелските нафтени резерви, преку кампања на политички и воен притисок која, според него, започнала со масовно распоредување на американски сили во Карипското Море уште во август.
Во ноќта меѓу петок и сабота, главниот град на Венецуела, Каракас, беше потресен од силни детонации, се огласија сирени, а делови од градот останаа без електрична енергија.
Настаните, според објавите на социјалните мрежи, се случувале во близина на претседателската палата Мирафлорес. На видеата што брзо се проширија на интернет се гледаат оклопни возила кои, наводно, патролираат по улиците во централните делови на градот.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро прогласил вонредна состојба во земјата. Набргу потоа, следеа уште посензационални информации – дека Мадуро бил уапсен а во текот на денот излезе и фотографија која покажува дека Мадуро е заробен.


