ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ Верниците го слават најголемиот христијански празник – Велигден
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден - 20 април што поретко се случува поради различните календари - јулијанскиот и грегоријанскиот.

Православните верници денеска го одбележуваат најголемиот христијански празник – Велигден, денот на Христовото воскресение, кога, според верата, Исус Христос ја покажал својата божествена сила победувајќи ја смртта.
Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје и во сите храмови на Македонската православна црква на полноќ беше објавена радосната вест – Воскресението Христово.
Денеска продолжуваат воскресенските литургии низ целата земја.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде ја објави радосната вест и упати велигденски пораки до верниците.
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април што поретко се случува поради различните календари – јулијанскиот и грегоријанскиот.
Црвените јајца ја симболизираат Христовата жртва, а поздравот „Христос воскресе – Вистина воскресе“ се користи 40 дена по Велигден.
Верниците кои се воздржуваа од јадење мрсна храна во 40-дневниот велигденски пост, се причестија на утринската пасхална Златоустова литургија. По седум неделниот пост православните христијани ќе седнат на мрсна трпеза.


