ХОЛАНДСКИТЕ ЖЕЛЕЗНИЧАРИ ДОБИВААТ ПЕНДРЕЦИ Државата вели доста е со нападите
Засега не е прецизирано во какви ситуации тие би можеле да ги користат средствата за самоодбрана.

Холандската влада го одобри планот со кој одредени вработени во националната железничка компанија NS ќе бидат овластени да носат палки, објавија денес локалните медиуми.
Според информациите на NL Times, пилот-програмата ќе трае две години и треба да започне напролет идната година. Таа предвидува до 75 проценти од службениците задолжени за обезбедување на возовите и железничките станици да добијат дозвола за носење палки.
Во NS има околу 680 вработени кои се грижат за безбедноста во железничкиот систем. Компанијата го побарала воведувањето на оваа мерка од Министерството за правда и безбедност поради сè почестите случаи на насилство врз персоналот.
Пред да им биде дозволена употребата на палките, вработените ќе мора да поминат специјална обука. Засега не е прецизирано во какви ситуации тие би можеле да ги користат средствата за самоодбрана.


