ХЕРОЈ СРЕДЕ ХОРОР – Продавач со голи раце разоружа терорист на плажата Бонди

Во терористички напад за време на прославата на Ханука на плажата Бонди загинаа најмалку 16 лица, а над 40 се повредени. Храбар продавач со голи раце разоружа еден од напаѓачите и спречи уште поголем масакр

ХЕРОЈ СРЕДЕ ХОРОР – Продавач со голи раце разоружа терорист на плажата Бонди
Фото: Принтскрин

Емотивните последни зборови на Ахмед ал Ахмед (43), храбриот продавач кој разоружа еден од напаѓачите во терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј, се објавени заедно со фотографии од него како се опоравува во болница.

Непосредно пред да тргне кон вооружениот напаѓач, Ахмед му се обратил на својот братучед Јозај Алкањ со зборовите:

„Ќе умрам. Те молам, оди кај моето семејство и кажи им дека отидов да спасам животи.“

Нападот се случи за време на прославата на еврејскиот празник Ханука, кога двајца вооружени напаѓачи отворија оган врз луѓето на плажата Бонди. Во масакрот загинаа 15 лица, а десетици беа повредени.

Драматични видеоснимки, кои собраа повеќе од 20 милиони прегледи, го прикажуваат моментот кога Ахмед тивко се прикрадува зад паркирани автомобили и одзема пиштол од едниот напаѓач, соборувајќи го на земја. Со оваа интервенција, тој спречи уште поголема трагедија.

За време на акцијата, Ахмед беше тешко ранет и застрелан во раката и рамото. Во моментов е подложен на операција за отстранување на куршумите, а лекарите информираат дека неговата состојба е стабилна.

Таткото на Ахмед, Мохамед Фатех ал Ахмед, за ABC Australia изјави дека неговиот син отсекогаш имал силен нагон да ги штити другите.

„Служеше во полицијата и во централните безбедносни сили. Кога виде луѓе на земја и крв насекаде, неговата совест и душа не му дозволија да стои настрана. Скокна врз терористот и му го одзеде оружјето. Горд сум на мојот син, тој е херој на Австралија“, рече таткото.

Мајката, Малакех Хасан ал Ахмед, истакна дека и покрај повредите, Ахмед е во добро расположение и дека семејството е бескрајно гордо на неговата храброст.

Во чест на неговиот подвиг е отворена страница на GoFundMe, каде досега се собрани над еден милион долари. Меѓу донаторите е и американскиот милијардер Бил Акман, кој донираше 100.000 долари.

Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, лично го посети Ахмед во болница и го нарече неговиот чин „вистинско херојство“.

„Еден човек, без двоумење, му приоѓа на вооружен напаѓач и го разоружува, ризикувајќи го сопствениот живот за да спаси многу други. Благодарение на неговата храброст, многу луѓе денес се живи“, изјави Минс.

Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе, го осуди нападот како „чин на чисто зло, антисемитизам и тероризам“ и порача дека државата ќе продолжи со бескомпромисна борба против омразата и екстремизмот.

Во меѓувреме, граѓаните палат свеќи и оставаат цвеќе на импровизиран споменик во Бонди, во чест на жртвите и на човекот кој, со гола храброст, застана меѓу животот и смртта за да ги спаси другите.

Инаку, зада крвавиот настан стојат татко и син како извршители на еден од најсмртоносните терористички напади во поновата историја на Австралија. Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24) во саботата попладне отворија оган за време на еврејската прослава на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, при што загинаа најмалку 16 лица, меѓу нив и 10-годишно девојче, а повеќе од 40 лица беа повредени.

Нападот траел околу 11 минути и бил снимен од сведоци, безбедносни камери, дронови и медиумски екипи. Снимките ја прикажуваат паниката меѓу цивилите и доцнењето на полициската интервенција, што предизвика бурни реакции во јавноста.

Според австралиската полиција, нападот бил внимателно испланиран во објект за краткотрајно изнајмување, оддалечен околу 30 минути од местото на злосторството. Саџид Акрам пристигнал во Австралија во 1998 година и легално поседувал огнено оружје, додека неговиот син Навид им бил познат на безбедносните служби поради сомнежи за врски со Исламска држава. Истрагата покажува дека двајцата се заколнале на верност на ИД.

Пукањето започнало од пешачки мост кај плажата Бонди, од каде напаѓачите речиси непрекинато пукаале кон толпата. Еден од нив бил накратко разоружан од храбар минувач, локален продавач на овошје, но успеал повторно да дојде до оружје пред да интервенира полицијата.

Иако полициски патроли биле во близина уште во првите секунди, првите истрели биле испукани дури по повеќе од четири минути. За кратко време двајцата напаѓачи биле неутрализирани. Саџид Акрам бил убиен на лице место, а неговиот син Навид е префрлен во болница во критична состојба.

Очевидци го опишуваат настанот како сцени на целосен хаос и страв. „Тоа беше масакр“, изјави фотограф кој се нашол на местото на нападот.

CATEGORIES
TAGS
Share This