ХАОС ВО КАВАДАРЦИ – Тројно надминат капацитет, прекинат концерт на Аца Лукас
Локал со капацитет од 200 лица примил над 700 гости, што довело до итна интервенција на полицијата.

Настапот на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци во петокот околу полноќ бил прекинат по интервенција на полицијата. Градоначалникот Митко Јанчев изјави дека мерката била неопходна поради сериозни безбедносни прекршувања и екстремна пренатрупаност на локалот.
Според Јанчев, кафетеријата има капацитет од околу 200 гости, а внатре имало повеќе од 700 лица – тројно над дозволеното. Тој нагласи дека општината нема да дозволи повторување на трагедии како онаа во Кочани и дека безбедносните стандарди мора строго да се почитуваат.
Организаторите претходно побарале дозвола за користење дополнителен јавен простор, но барањето било одбиено од безбедносни причини. Покрај тоа, биле утврдени и други прекршувања: настапот траел подолго од дозволеното работно време (до 01:00 по полноќ) и ангажманот на изведувачот не бил пријавен во надлежните институции.
Аца Лукас на Инстаграм накратко ја коментираше ситуацијата, наведувајќи дека огромниот интерес и околу 2.000 присутни лица пред локалот довеле до гужва што резултирала со интервенција.

