ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ВО ОН ЛАЈН ВОЈНА Навреди, сарказам и обвиненија до бесвест

Двајцата поранешни премиери повторно ја разгореа војната на социјалните мрежи со навреди, обвинувања и саркастични бодежи.

ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ВО ОН ЛАЈН ВОЈНА Навреди, сарказам и обвиненија до бесвест
Фото: Принтскрин

Поранешните премиери Никола Груевски и Зоран Заев повторно си разменија жестоки критики преку социјалната мрежа Facebook. Прво реагираше Груевски, нарекувајќи го Заев дволичен, по што Заев возврати со подолг статус во кој му порача да си најде хоби.

Во својата објава, Заев пишува дека „подобро ќе било Груевски да ја издржел казната во Македонија“, за да може, како што вели, „од тука да зборува“, наместо „од бегство да пишува епопеи кои никој не ги чита до крај“.

„Никола, тебе навистина ти е досадно, нели? Читам денес дека си почнал и да се разубавуваш. Човеку, навистина не знаеш што да правиш со самиот себе. Само да ти кажам, овие твоите те слушаат гледам дека секојдневно им делиш задачи. Знам, од далечина контрола е тешко“, пишува Заев.

Тој додава дека Груевски можел достојно да ја издржи казната и денес да се обраќа пред македонската јавност „без мајтапи за неговите долги записи“. Посочува дека пред политиката имал своја успешна работа, а сега, иако е пет години во „политичка пензија“, Груевски „секој ден го споменува“.

„За разлика од тебе, кој се капеш во украдените пари на граѓаните, јас достоинствено работам. Ти предлагам да си најдеш хоби додека се разубавуваш. Научи ли гулаш да правиш?“, пишува тој саркастично.

Заев го завршува статусот со порака дека верува оти „ќе дојде ден кога Груевски ќе се појави во Македонија“ и дека „добро знае каде ќе треба да оди“. „До свидания, Никола! Поздрав од Македонија, полноправна членка на НАТО“, додава тој.

Пред оваа реакција, Груевски на Facebook ги обвини Заев и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за дволичност и лицемерие.

Според него, Заев е „воден исклучиво од финансиски интерес“ и СДСМ ја позиционира како проукраинска и антируска партија пред јавноста, додека, како што тврди Груевски, во позадина Заев прави големи бизнис-зделки со руски компании купувајќи евтино железо и челик поради западните санкции.

Груевски обвинува дека преку тие приватни бизниси Заев „помага во финансирањето на Русија“, додека во политиката зборува за поддршка на Украина, па дури и за можност Македонија да испрати војска ако тоа го бараат НАТО или ЕУ.

„За Украина даваше поддршка со парите на граѓаните, а за лично богатење тесно соработува со руските компании“, пишува Груевски во својот статус.

CATEGORIES
TAGS
Share This