ГРУБИ СИ ЗАМИНА ДОМА – Не било убаво и безбедно во Шутка
Поранешниот вицепремиер е второосомничен во истрагата за проневера од над 8 милиони евра

По одлуката на судот да го прифати предлогот на Обвинителството, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е спроведен во домашен притвор со 24-часовен надзор од Министерството за внатрешни работи.
Груби беше изведен од Основниот кривичен суд и со комбе на затворската полиција пренесен во неговиот дом, откако судијата на претходна постапка ја прифати препораката на јавниот обвинител за замена на мерката притвор со куќен притвор. Тој во притвор помина помалку од 20 часа.
Иако претходно поради бегство по него беше распишана меѓународна потерница, а не се појави на распит во истрагата, Обвинителството оцени дека се исполнети услови за поблага мерка. Од Кривичниот суд информираа дека на Груби му е одземена и патната исправа.
Груби е второосомничен во истрагата за проневера на над осум милиони евра во Државна лотарија, во периодот на владеење на ДУИ и СДСМ.
Од Основно јавно обвинителство Скопје соопштија дека замената на мерката е предложена бидејќи во најголем дел доказите се веќе обезбедени, осомничениот доброволно се пријавил на органите на прогонот, а постоеле индиции дека во Притворското одделение не може да му се гарантира личната безбедност, како и безбедноста на членовите на неговото семејство.
Според извори, Груби по пристигнувањето во затворот „Шутка“ изјавил дека се чувствува небезбедно од други притвореници и дека „целата јавност е свртена против него“, по што добил посебно обезбедување.
Обвинителството информира дека по негово барање, преку одбраната, Груби веќе извршил увид во доказниот материјал, кој поради обемноста ќе продолжи и во наредните денови. По завршувањето на увидот, ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана. Предметот го води обвинителот Даниел Коцев, а институцијата е под раководство на новиот главен обвинител Анел Фидоски.
Покрај Груби, осомничен во случајот е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Државна лотарија, кој сè уште е во бегство.


