ГРИПОТ СЕ ШИРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА – Бројот на заболени расте
Досега регистрирани 998 случаи од почетокот на сезоната 2025/2026

Во периодот од 8 до 14 декември во Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува пораст од 31,3 проценти во споредба со претходната недела. Најголем број случаи се евидентирани во Тетово (30), Куманово (20) и Македонски Брод (18), додека во Скопје се регистрирани 15 заболени. Највисока инциденца, од 178 случаи на 100.000 жители, е забележана во Македонски Брод.
Според возрасната структура, најпогодена е групата од 15 до 64 години со 97 случаи, по што следуваат лицата над 65 години со 16 случаи. Кај децата, најмал број заболени има во групите од 5 до 14 години (7 случаи) и од 0 до 4 години (6 случаи).
Во Институтот за јавно здравје, од вкупно 24 лабораториски тестирани материјали, потврдени се четири случаи на грип – три од типот Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е еден случај на RSV тип Б, додека присуство на SARS-CoV-2 не е детектирано.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 година, кумулативно се регистрирани 998 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2 проценти во однос на истиот период минатата сезона. Најмногу заболени има во Гостивар (244) и Куманово (241), додека Македонски Брод повторно предничи по инциденца со 583,5 случаи на 100.000 жители.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје апелираат до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки и редовно миење на рацете, избегнување на места со голема гужва, соодветно облекување, доволен одмор и внес на витамини. Во случај на симптоми, се препорачува останување дома, избегнување блиски контакти, покривање на носот и устата при кашлање и кивање, како и користење заштитни маски при контакт со други лица.
Вакцинацијата останува најефикасна заштита од грипот. За сезоната 2025/2026 година обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните категории лица над 65 години, деца од 6 до 59 месеци, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Досега се вакцинирани вкупно 78.730 лица со бесплатни или комерцијални вакцини.
Епидемиолошкиот надзор укажува дека грипот засега има спорадична активност, со позитивност под 10 проценти, што значи дека сезоната сè уште не е во полн ек. Сепак, поради континуираниот раст на бројот на заболени, здравствените власти повикуваат на зголемено внимание, особено кај ранливите категории на населението.


