ГРИПОТ НЕ ЗАПИРА – Епидемиологот Олумчев предлага одложување на наставата до 1 февруари
Епидемиологот Олумчев предупредува дека пикот на грипот се очекува токму на стартот на второто полугодие

Ако состојбата со грипот продолжи со истиот тренд и бројките на заразени и понатаму растат, особено меѓу работоспособното население со симптоми на акутни респираторни инфекции, мое мислење е дека би било разумно второто полугодие да се одложи барем до 1 февруари.
Во светски рамки пикот веќе е достигнат, а според анализите во Македонија се очекува истиот да започне за околу една недела – токму во периодот кога треба да почне вториот дел од учебната година.
Ова за „Вечер“ го изјави епидемиологот д-р Сашко Олумчев од Институтот за јавно здравје – Велес, подрачна единица Гевгелија. Тој е добро познат по своите извештаи за време на пандемијата со Ковид-19, како и по стручните анализи за сезонските вируси. Повод за новото интервју е актуелната состојба со грипот која, како што нагласува, се влошува од ден на ден- ординациите се преполни, а расте и бројот на хоспитализации.
Според Олумчев, во циркулација доминира нова варијанта на инфлуенца А – подвид К, на кој голем дел од населението не биле изложени во минатите години. Поради тоа, имунолошката меморија „ослабнала“, што го прави вирусот поагресивен.
Најпогодени се децата до 14 години – група која најчесто е невакцинирана и без претходна заштита.
Токму затоа, Олумчев повторува дека одложувањето на наставата е логична мерка, ако растот на заболени продолжи и во наредните денови.
Иако вакцината за оваа година не го содржи директно подвидот К, научните анализи покажуваат значајно антигенско преклопување. Тоа значи дека имунитетот добиен со вакцината и понатаму штити од потешки заболувања, дури и при инфекции со новата варијанта.
Олумчев истакнува дека вакцината е ефективна, иако не е 100% „погодена“, може да се јават инфекции кај вакцинирани лица, но со значително полесна симптоматологија и кај ризични групи спречува тешки компликации, хоспитализации и смртни исходи.
Пет важни пораки до јавноста се дека вакцината е корисна, не промашена, не дава целосна, но дава значајна заштита, сериозно го намалува ризикот од тешка болест, „пробивни инфекции“ се можни, но полесни и вакцинацијата останува најдобра превенција.
Заклучокот на доктор Олумчев е дека вирусите се менуваат, но науката останува зад вакцинацијата како најефикасен механизам за заштита особено во услови на активна циркулација на изменети H3N2 соеви. Навремена вакцина, информираност и одговорно однесување се клучни за личното и колективното здравје.


