ГРЦИЈА СО ПОРАКА ДО СКОПЈЕ Доследно спроведување на Преспанскиот договор
Муцунски се заблагодари на Грција за испратената помош по трагедијата во Кочани, како и за поддршката при справувањето со пожарите во близина на Дојран.

Официјална Атина очекува од новата македонска влада целосна и доследна примена на Преспанскиот договор, вклучително и употребата на уставното име – Северна Македонија. Пораката беше испратена од шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, за време на официјалната посета на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
„Би сакал повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредување на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, заснован на принципот на заслуги и условеност. Во таа насока, посебно ја нагласувам важноста од целосна, доследна и континуирана имплементација на Преспанскиот договор, вклучително и користењето на уставното име од страна на вашата влада“, изјави Герапетритис.
Иако Муцунски не го спомена директно договорот од Преспа, во своето обраќање потенцираше дека трајната соработка меѓу двете земји треба да се гради на основа на меѓусебна почит и преземени меѓународни обврски.
„Ја нагласивме важноста на меѓународното јавно право и обврските што ги имаат двете страни, бидејќи меѓусебното почитување е основата врз која се гради долгорочна соработка. Верувам во иднината на нашите односи и во силата на дипломатијата заснована на почит“, рече министерот.
Муцунски се заблагодари на Грција за испратената помош по трагедијата во Кочани, како и за поддршката при справувањето со пожарите во близина на Дојран.
Ова е прва официјална посета на министерот Муцунски во Атина, додека неговиот грчки колега Герапетритис беше во Скопје минатата година, за време на Самитот на шефови на држави и влади во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.


