ГРЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ТРГНУВААТ НА УЛИЦА Масовни блокади на патишта и гранични премини

Производителите бараат јасен план за исплата и поголема поддршка за климатски штети.

ГРЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ТРГНУВААТ НА УЛИЦА Масовни блокади на патишта и гранични премини
Фото: Принтскрин

Грчките земјоделци повторно излегуваат на улиците, најавувајќи масовни блокади на главните патишта и граничните премини. Причината е доцнење и делумна неисплата на земјоделските субвенции што им следуваат од државата. Земјоделските здруженија велат дека дел од средствата, кои требало да бидат исплатени во текот на есенскиот период, сè уште не се префрлени, што создава големи финансиски тешкотии во услови на зголемени трошоци за гориво, ѓубрива и работна сила.

Претставници на земјоделските федерации истакнуваат дека повеќе пати барале средби со Министерството за земјоделство, но не добиле конкретен одговор за роковите на исплата. Тие предупредуваат дека ако државата не претстави јасен план за исплата, протестите ќе се проширaт низ целата земја, засегајќи клучни сообраќајници, пристапни патишта кон големите градови и неколку гранични премини кон соседните држави.

Земјоделците истакнуваат дека не сакаат конфликти, но се приморани на вакви чекори, бидејќи „производството е на работ на опстанок“. Тие исто така бараат зголемена поддршка за компензација од штети предизвикани од климатските промени и поефикасно функционирање на фондовите за осигурување на земјоделското производство.

Министерството апелира на трпение и најавува дека исплатите ќе започнат наскоро, без да прецизира точни датуми, што дополнително ги разгневува земјоделците. Спроведувањето на најавените блокади би можело да предизвика сериозни проблеми во транспортот и снабдувањето низ целиот регион.

CATEGORIES
Share This