ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ПУЛА – Не дозволувам настапи на Томпсон во Пула

Градот ќе одобрува настани само кои се во согласност со Статутот и градските вредности

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ПУЛА – Не дозволувам настапи на Томпсон во Пула
Фото: Принтскрин

Градоначалникот на Пула, Пеџа Грбин, изјави дека музичарот Марко Перковиќ Томпсон нема да добие дозвола за настап во Арената во Пула додека тој е на чело на градот, нагласувајќи дека програмите што се одржуваат во градските простори мора да бидат во согласност со вредностите на Пула.

Изјавата доаѓа откако Томпсон викендов одржа два концерта во Пореч, на кои, според медиумските извештаи, во салата се слушал усташкиот поздрав „За дом спремни“. Дополнително, дел од неговите обожаватели носеле транспарент со порака:

„Истрија се крена од сенката, пулската Арена те чека“.

Самиот Томпсон, во изјава за „Вечерњи лист“, потврди дека постои интерес за одржување концерт во Пула, но истакна дека засега нема да инсистира на тоа.

„Пула е исто така хрватски град, но ќе почекаме малку“, рече тој.

Сепак, тоа чекање може да биде подолго. Грбин јасно стави до знаење дека нема да му издаде дозвола за настап не само во Арената, туку и во сите други објекти со кои управува Градот Пула.

Тој објасни дека според правилникот за користење на амфитеатарот, термини за настани може да се доделуваат исклучиво за програми кои се од интерес за градот и кои не се спротивни на вредностите утврдени во Статутот на Пула.

Градоначалникот не ги коментираше настапите на Томпсон во Пореч, каде што локалните власти, предводени од градоначалникот и лидер на IDS, Лорис Першуриќ, не воведоа забрана за концертите.

CATEGORIES
Share This