ГРАЃАНИТЕ ГО ПРИФАЌААТ ПОРТАЛОТ – 166% повеќе корисници за една година

Иницијативата „Роаминг како дома“ ќе им овозможи користење на мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци

ГРАЃАНИТЕ ГО ПРИФАЌААТ ПОРТАЛОТ – 166% повеќе корисници за една година
Фото: Национал

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во телевизиско гостување истакна дека Порталот за услуги бележи рекордни резултати и се утврдува како централна точка за електронските услуги за граѓаните.

Според податоците за 2025 година, Порталот за услуги забележа 290% раст на издадени услуги, и 166% раст на корисници.

Министерот посочи дека ова јасно покажува дека граѓаните го препознаваат и активно го користат Порталот како најпрактична дигитална алатка во секојдневието.

„Со 290% раст на издадени услуги и 166% раст на корисници во 2025, Порталот за услуги е најкористената дигитална алатка во државата. Тој претставува средиште на електронските услуги за граѓаните, а успешноста ја мериме преку бројки“, изјави Андоновски.

Министерот нагласи дека денес Порталот е динамична платформа која додава 3 до 4 нови услуги месечно, а токму тие нови услуги се меѓу најпопуларните кај граѓаните.

„Ако претходно имавме портал кој не беше препознатлив и кој луѓето не сакаа да го користат, денеска имаме портал кој генерира три до четири нови услуги месечно, кои граѓаните најмногу ги користат“, додаде Андоновски.

Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочува дигиталната трансформација во дел од институциите, истакнувајќи дека некои институции процесите ги водат со голема динамика, додека други имаат „страв“ или не воспоставен процес на дигитализација. Министерот појасни дека дигиталната услуга мора да произлегува од внатрешните системи на секоја институција.

„Дигитализацијата не е процес кој го спроведува една Влада или едно Министерство. Таа мора да биде процес на секоја институција – законодавна, извршна и судска власт. Дигитализацијата веќе не смее да се сфаќа како нешто што е убаво да се има, туку како нешто задолжително“, истакна Андоновски.

Во текот на разговорот, министерот зборуваше и за иницијативата „Роаминг како дома“, која треба да овозможи македонските граѓани да користат мобилни услуги без дополнителни трошоци во земјите членки на Европската Унија, како и за законските измени во областа на медиумите.

CATEGORIES
Share This