ГП БОГОРОДИЦА (ЕВЗОНИ) – Сообраќајот вечерва повторно нормализиран по протестите на грчките земјоделци
Протестите на земјоделците во Грција траат речиси две недели и се проширија низ целата земја

Вечерва (14.12.) од 21:00 часот сообраќајот на ГП Богородица (Евзони) е повторно нормализиран – информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Потсетуваме, граничниот премин „Евзони“ денеска беше затворен за сообраќај од 11 часот поради протест на грчките земјоделци. Пред преминот се собраа повеќе од 300 трактори, а периодичните блокади продолжуваат веќе речиси две недели.
Протестите, кои започнаа на 30 ноември, се проширија низ цела Грција. Во изминатите денови беа поставени повеќе од 50 блокади на автопатишта и локални патишта, што значително го отежнува сообраќајот.
Слични блокади имаше и на други гранични премини – „Ники“ („Меџитлија“) кон Северна Македонија, каде што секојдневно се одлучуваше за времетраењето на прекинот, како и на „Промахноас“ и „Орменио“ кон Бугарија и „Кипи“ кон Турција.
Земјоделците протестираат поради зголемените трошоци за производство, ниските откупни цени за нивните производи, скандалот со европските земјоделски субвенции и бараат исплата на заостанати субвенции.


