ГОТОВО Е СО ПЕЧАТИТЕ – ЕУ со нов систем на границите, отпечатоци, фотографии и прашања
29 земји во Шенген воведуваат заедничка дигитална контрола.

Новиот дигитален граничен систем на Европската унија, кој вклучува земање отпечатоци од прсти, фотографирање и скенирање на пасоши, требаше целосно да стартува од денеска, но неговата имплементација ќе се одвива постепено.
Станува збор за Системот за влез/излез (ЕЕС), чија цел е да ја зголеми безбедноста и да го поедностави патувањето во рамки на Шенген зоната. Иако рокот за целосна активација истече, системот сè уште не е воведен на сите гранични премини поради технички и организациски предизвици.
ЕЕС веќе се воведува од октомври, но на некои европски аеродроми предизвика долги редици и доцнења, особено во периоди на зголемен сообраќај. Надлежните предупредуваат дека ваквите проблеми може да се интензивираат за време на празници.
Овој систем ќе ги замени традиционалните печати во пасошите и ќе овозможи дигитално следење на влезот и излезот на државјаните од земјите надвор од ЕУ. Тој ќе важи за 29 европски земји во Шенген зоната.
При првото користење, патниците ќе треба да ги регистрираат своите биометриски податоци и отпечатоци од прсти и фотографија, додека нивниот пасош ќе биде скениран. Исклучок се децата под 12 години, кои нема да даваат отпечатоци.
Дополнително, патниците ќе одговараат на неколку прашања на екранот, поврзани со нивниот престој, како што се причината за патување и финансиската состојба.
Регистрацијата во системот ќе важи три години, а податоците ќе се потврдуваат при секое следно патување во тој период.
