ГОРИВАТА СО НОВИ ЦЕНИ ОД УТРЕ – Еве колку ќе чинат
Одлуката на РКЕ носи повисоки цени за дизелот, екстра лесното масло и мазутот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,52 отсто во однос на одлуката од 20 јануари 2026 година.
Според РКЕ, референтните цени на светските пазари бележат пораст во просек од 0,721 отсто кај бензините, 2,341 отсто кај дизелот, 2,433 отсто кај екстра лесното масло за горење, додека кај мазутот зголемувањето изнесува 0,569 отсто. Истовремено, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,0343 отсто.
Од 27 јануари 2026 година од 00:01 часот, максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: ЕУРОСУПЕР БС-95 – 72,00 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 – 74,00 денари за литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 67,50 денари за литар, Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1) – 66,50 денари за литар и Мазут М-1 НС – 33,099 денари за килограм.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 остануваат непроменети. Цената на дизел горивото се зголемува за 1 денар по литар, екстра лесното масло за домаќинствата поскапува за 0,50 денари по литар, додека мазутот М-1 НС бележи раст од 0,112 денари по килограм.
Од РКЕ појаснуваат дека станува збор за максимални утврдени цени, при што трговците на големо и мало имаат можност да ги продаваат нафтените деривати и по пониски цени од определените.

