ГОРИВАТА ПОСКАПУВААТ Бензините од ноќеска поскапи за 1 денар, дизелот за 0,5 денари
Курсот на доларот опаднат за 0,55%, што влијаело врз новата пресметка

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и комунален отпад (РКЕ) денеска донесе одлука за нови цени на горивата, кои стапуваат во сила од ноќеска на полноќ. Бензините поскапуваат за еден денар по литар, а дизелот се зголемува за половина денар. Просечното зголемување на малопродажните цени изнесува 0,23 проценти.
Новите цени ќе бидат следните: ЕУРОСУПЕР БС-95: 75,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98: 77,5 денари за литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 72,5 денари за литар и Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1): останува 69,5 денари за литар.
Истовремено, малопродажната цена на Мазут М-1 НС се намалува за 0,806 денари по килограм и ќе изнесува 35,621 денари.
Според РКЕ, на светските берзи е забележано зголемување на референтните цени на бензините за просечно 3,628 проценти и на дизелот за 1,766 проценти. Кај екстра лесното масло има мало намалување од 0,022 проценти, а кај мазутот за 2,563 проценти. Воедно, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5545 проценти во однос на претходната пресметка.


