ГОРЕШТИНИ ВО МАКЕДОНИЈА Министерството за економија со план за заштита на работниците
Министерството потенцира дека заедно со Министерството за здравство и другите надлежни институции ќе продолжи со следење и координирање на активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа.

Министерството за економија и труд информира дека, согласно усвоената информација за спроведување на мерките од Фаза 3 на Акцискиот план за превенција од топлотни бранови (2025 – 2030), активно ги координира и применува препораките за заштита на работниците и подобрување на условите за работа во летниот период.
Во услови на екстремни горештини, Министерството апелира до сите работодавачи – и во јавниот и во приватниот сектор – да ги почитуваат следниве мерки:
-Да се одложат работните активности во најтоплите делови од денот (од 11 до 17 часот), особено за работниците изложени на директна сончева топлина;
-Да се овозможи работа од далечина, флексибилно или поделено работно време каде што е изводливо;
-Да се обезбедат соодветни микроклиматски услови во работните простории со температура до 25°C, освен во случаи каде што природата на работата тоа не дозволува;
-Да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата над 60 години, доколку нема соодветни услови за работа – со исклучок на вработените во критични сектори како здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика и комунални служби.
Министерството потенцира дека заедно со Министерството за здравство и другите надлежни институции ќе продолжи со следење и координирање на активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа.
„Мерките имаат цел да го намалат ризикот од топлотен стрес и други здравствени последици по работниците. Тие се дел од поширокиот национален одговор на климатските промени и екстремните временски услови“, потенцира министерството и апелира на заедничка одговорност и повикува на соработка од страна на јавноста и деловниот сектор за обезбедување безбедни и здрави работни услови.


