ГОЛЕМА ТРКА ЗА БАФТА – 14 номинации за фаворитот
Филмот на Пол Томас Андерсон е апсолутен фаворит со 14 номинации, додека „Грешници“ на Рајан Куглер следи со 13

Британската академија за филм и телевизија (БАФТА) денеска ги објави номинациите за своите годишни филмски награди, кои ќе бидат доделени на свечена церемонија на 22 февруари во Лондон.
Филмот „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон води со вкупно 14 номинации, меѓу кои и за најдобар филм, режисер и адаптирано сценарио. Со тоа, остварувањето го бележи вториот највисок број номинации во историјата на БАФТА, веднаш зад „Ганди“ на Ричард Атенборо, кој во 1983 година доби 16. Ист број номинации (14) низ годините имаа и The King’s Speech, All Quiet on the Western Front и Crouching Tiger Hidden Dragon, при што сите освоија награда за најдобар филм, освен последниот.
Со 13 номинации следи филмот „Грешници“ на Рајан Куглер, кој е во трка и за најдобар режисер и оригинално сценарио. Мајкл Б. Џордан ја доби својата прва БАФТА-номинација за најдобар глумец, додека актерката Вунми Мосаку, родена во Манчестер, е номинирана за најдобра глумица.
Зад двата водечки наслови на „Ворнер Брос“ се „Хамнет“ и „Марти Суприм“, со по 11 номинации. Пол Мескал и Тимоти Шаламе се меѓу номинираните за најдобар глумец, додека Клое Жао и Џош Сафди конкурираат за наградата за најдобар режисер.
Филмовите „Франкенштајн“ и „Сентиментална вредност“ добија по осум номинации, додека „Бугонија“ и изненадувачкиот британски бокс-офис хит „Се колнам“ освоија по пет. Меѓу другите добро застапени британски остварувања се „Баладата за островот Волис“ и „Пилион“, со по три номинации.
Оваа година има осум првпат номинирани актери и актерки во изведувачките категории, меѓу кои и Мајкл Б. Џордан. Останатите се Роберт Арамајо (Се колнам), Одеса А’зион (Марти Суприм), Роуз Бирн (Да имав нозе, ќе те шутнев), Инга Ибсдотер Лилас (Сентиментална вредност), Стелан Скарсгард (Сентиментална вредност), Тејана Тејлор и Чејс Инфинити (двајцата во Една битка по друга). Инфинити е номинирана и за наградата БАФТА „Рајзинг ѕвезда“. Во категоријата за режија, двајца од шесте номинирани се за првпат – Рајан Куглер и Џош Сафди.
Водител на доделувањето на БАФТА 2026 ќе биде Алан Каминг. Актерот, писател и продуцент со богата кариера на театарската сцена, филмот и телевизијата од двете страни на Атлантикот, е добитник на награди Еми, Златен глобус, Оливие и Тони, како и на признанието БАФТА Шкотска за извонреден придонес. Каминг ја презема улогата од својот сонародник Дејвид Тенант, кој беше водител на церемонијата во 2024 и 2025 година.

